Борбата против коронавирусот ја турка Германија во рецесија.
„Проценките за тоа колку длабока ќе биде таа, во моментов е предмет на неизвесност. Разгледани се различни сценарија. Една од опциите што се разгледува, од највлијателниот германски институт ИФО, е оптимистична и сугерира пад од 1,5% во економијата до 2020 година. При најлошо сценарио, што подразбира поголемо кратење на производството, економското производство ќе се намали за 6 проценти“, рече претседателот на ИФО, Клименс Фуест.
Во својата најнова прогноза во декември, институтот очекува раст од 1,1% за 2020 година.
„Важно е германската влада, ЕУ и Европската централна банка (ЕЦБ) да преземат големи и насочени контра-мерки. Во исто време, итно се потребни стратегии за да се ограничи времетраењето и интензитетот на застојот на економијата без да се загрози борбата против епидемијата“, рече Фуест.
Тој предупреди дека „јавните финансии во еврозоната се под непосредна закана. Во случај на силно задолжени земји, ова може да доведе до колапс на довербата. Земјите од еврозоната, како и ЕЦБ, треба да испратат јасен сигнал дека ќе има систематска поддршка за сите земји“.
Тимо Волмерхаузер, шеф за економски прогнози при институтот, рече дека досега немало слични настани во историјата од кои што можеме да извлечеме веројатни насоки, кои кризата може да ги преземе.
„Постојат многу малку економски показатели кои се достапни во моментов и кои ќе ни овозможуваат да го процениме целокупното економско влијание на кризата со коронавирусот. Повеќето показатели што се достапни сега ја одразуваат, во најдобар случај, ситуацијата во февруари. Колапсот на деловната клима во март покажува дека економскиот пад во вториот квартал ќе ги надмине сите претходни рецесии“, рече тој.
Фуест додаде дека е важно политичарите да преземаат масовни и насочени мерки за спречување на штетата предизвикана од „замрзнување“ на економијата. За малите и средни претпријатија, сите даночни плаќања мора да бидат прекинати за неколку месеци.
„Постои итна потреба од дополнителна поддршка за вработените кои губат доходи“, рече тој.
„Помошта за ликвидност и гаранции од владата може да спречат бран од банкрот. Правилата на законот за стечај треба да бидат привремено олеснети“, додава тој.