Вкупно 12.799 вонредни надзори се извршени од шестте инспекциски служби во периодот од 27 мај до 3 јуни. Од нив, 11.504 контроли има направено Државниот пазарен инспекторат.
Предложено е поведување на повеќе од 25 кривични пријави за кршење на законите и протоколите, а затекнати се и 20-тина нерегистрирани угостителски објекти во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Куманово.
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска – Грашкоска денеска на прес-конференција информираше дека само на првиот ден кога беа воведени протоколите за угостителите, односно на 28 мај извршени се 676 контроли.
– Поради утврдени недоследности во почитувањето на протоколите, првиот ден се изрекуваа само усни укажувања и опомени, но поради многу пропусти забележани првиот ден, се премина на подрастично санкционирање на прекршувањата и изминатите неколку дена предложено е поведување на повеќе од 25 кривични пријави за флагрантно кршење на законите и протоколите, рече Филиповска-Грашкоска.
Од страна на Државниот трудов инспекторат спроведени се 504 контроли со фокус на компании од Штип и Тетово каде се појавија одредени кластери на заболени. Донесени се четири решенија и 20 укажувања за работодавачи кои не постапиле по препораките на Владата.