Казните за претпријатијата што нема да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот ќе се движат од 2,5 илјади до 30 илјади евра, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мало, средно или големо претпријатие.
Инспекциските служби добиваат поголеми овластувања за надзор и за санкционирање на фирми и физички лица при прекршување на протоколите за заштита од ковид-19.
Ова беше соопштено на денешната прес-конференција на вицепремиерот Љупчо Николовски и претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Грашкоска.
За таа цел Владата, по состанок на Николовски и министрите за здравство и за внатрешни работи со директорите на државните инспекторати, вчера усвоила измени на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Досега, како што посочи Николовски, само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластување да изрекува мерки, додека другите инспекторати имале можност да поднесуваат кривични пријави за непочитување на протоколите, со што, како што се оценува, не се постигнува целта.
Со законските измени, како што беше посочено на денешната прес-конференција, и другите инспекциски служби, вклучително и тие на локално ниво, добиваат овластување за издавање забрана за работа и прекршочен платен налог. Привремената забрана за работа може да биде од 10 до 15 дена, а глобите, како што објасни Николовски, ќе варираат во зависност од големината на правниот субјект.
Грашкоска посочи дека казните за претпријатијата што нема да ги почитуваат протоколите ќе се движат од 2,5 илјади до 30 илјади евра, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мало, средно или големо претпријатие.
Казните за микропретпријатијата ќе бидат од 2,5 илјади до 3 илјади евра; за мали претпријатија од 5,5 илјади до 6 илјади евра; за средни од 17,5 илјади до 18 илјади евра и за големи од 25 до 30 илјади евра, во денарска противвредност.
Глобите за одговорните лица се 1 500 евра, 750 евра за трговец-поединец и 250 евра за физичко лице.