Стартува дефинирањетона принципите врз основа на кои ќе се прошири постојната листата на ранливи потрошувачи со цел да се намали енергетската сиромаштија.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги заедно со Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика и Владата го отпочнаа процесот со кој точно ќе се таргетираат потрошувачите на кои финансиски ќе им се помогне да ги подмират сметките за електрична и топлинска енергија.
„Станува збор за комплексна операција во која треба да се вкрстат податоците на повеќе институции за да се идентификуваат прецизно потрошувачите на кои им е неопходно да им се помогне за да ги подмират сметките за електрична и топлинска енергија со цел да се намали енергетската сиромаштија. Во моментов надоместок за енергетска сиромаштија добиваат корисниците на социјална помош, а РКЕ по препорака на Секретаријатот на Енергетската заедница иницира да се прошири опфатот на ранливи потрошувачи и за таа цел кон крајот на минатата година како што сте запознаени доставивме предлог листат до Министерството за економија кое сега сите заедно го разгледуваме детално. Освен опфатот, го разгледуваме и начинот како да бидеме сигурни дека доделените пари се користат за подмирување на сметките за електрична односно топлинска енергија. Клучно е да се таргетираат потрошувачите за да се намали енергетската сиромаштија.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на одржаниот состанок со сите засегнати институции.
РКЕ во доставната листа предлага освен лицата кои примаат социјална помош, дополнително да се опфатат и следните категории на потрошувачи: домаќинства во кои нема ниту еден вработен, кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на приходи; домаќинства кои имаат невработено лице, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и истиот е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има еден пензионер што добива минимална пензија (прва група) и истата е единствен приход на домаќинството; домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата, чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинството; домаќинства кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година, корисник на паричен надоместок во случај на невработеност од Агенцијата за вработување, кој се движи во висина на постојана социјална парична помош и во домаќинството има дополнителен приход во висина од минимална плата, заклучно со периодот на тарење на пандемијата.