Министерот за економија, Крешник Бектеши по денешното вклучување во работа на новата шестосед-жичница „Лајтнер” за првпат сезонава во однос на развојот на ски центарот „Попова Шапка“ изјави дека се развиени модели преку јавно приватно партнерство каде што Владата не учествува со средства, но дава придонес во делот на многу важни документи кои се предуслов за секаква инвестиција.
„Без физибилити студија, без идеен проект, без дју дилиџенс никаде во светот не може да почне некаква си реализација. Ние веќе сме ги завршиле за Попова Шапка што значи дека сега комисијата ќе одреди кој модел ќе го користиме, дали ќе биде потполна приватизација, дали ќе биде јавно приватно партнерство или, пак, ќе биде комбиниран модел. Имајќи во предвид дека во сопственост на ЕЛЕМ Турс се и хотелите, но истовремено и ски центарот, најверојатно ќе одиме со јавно приватно партнерство како модел што и во други држави давал соодветни резултати“, рече Бектеши во одговор на прашање.
Согласно Стратегијата за развој на туризмот во Северна Македонија, прецизира, ќе се формира комисија каде што ќе бидат вклучени невладините организации, но и различни институции од Владата и од компаниите кои се како акционерски друштва 100 отсто во сопственост на Владата како што е случајот со ЕСМ.
-Веќе се доставени номинациите од соодветните институции и наскоро ќе почне да работи комисијата. Но, не е само тоа. Секако дека ние имаме можност, имаме средства и директно да инвестираме како Влада се со цел да ги подобриме условите и на таков начин да привлекуваме што повеќе туристи во овој многу важен ски центар не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, посочи Бектеши.
Што се однесува до патната инфраструктура, потенцира, веќе е подобрена и тоа е директна инвестиција од Владата.