СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Купувањето од нелегални „Фејсбук“ и „Инстаграм“ продавници е неможност за заштита на правата на потрошувачите

Правата на потрошувачите во голема мера значат дека секој потрошувач има право да добие информации за безбедноста, квалитетот, трајноста, цената, производството, стандардот на добрата и услугите, како би се спречиле можните злоупотреби на пазарот.

Сепак на социјалните мрежи, врие од поплаки од незадоволни граѓани. Од таму се поставува прашањето дали македонските потрошувачи ги знаат своите законски права.

„Потрошувачите најчесто се жалат дека производите не наликуваат на тоа што е прикажано на сликата, или пак дека им пристигнал производ во друга боја, големина или изглед, добиле сосема друг производ, добиле оштетен производ и сл, Вообичаена пракса на трговците кои продаваат на социлјаните мрежи (кои најчесто се нерегистрирани и нелегални фирма) е неиздавањето на фискална сметка или друг доказ за плаќање. При достава на производот потрошувачите добиваат само испратница од сервисот за брза испорака, со што дополнително правото на потрошувачите за враќање на производ во рок од 14 дена не може да се оствари поради тоа што потрошувачите немаат никаква информација за испраќачот/трговецот, освен e-пошта поставена на веб страна/профил на социјална мрежа, на која што најчесто никој не одговара“, за „Стандард“ вели Мартина Грнчаревска од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ).

На прашањето, каде најчесто се повредуваат правата на македонските потрошувачи, Грнчаревска вели дека тоа се случува скоро во секој домен.

„Најголеми проблеми со кои се соочуваат потрошувачите се проблемите со производите (проблеми со гаранција и сервисирање, враќање на производ, неквалитетни производи), онлајн купувањето (купување од нелегални Фејсбук и Инстаграм продавници и неможност за заштита на правата), проблеми со услугите кои ги нудат јавните претпријатија (високи сметки за електрична енергија, вода, комунални услуги, неквалитет на телекомуникациските услуги) и сл“, вели претставничката на ОПМ.

За тоа кои документи се валидни за да се оствари некое потрошувачко право, Грнчаревска изјави дека тоа е во зависност од тоа за каков потрошувачки проблем станува збор.

„Следствено на тоа се одредува и кој документ е релевантен, најчесто тоа е фискална сметка, сметко-потврда, фактура, договор за купопродажба или друг вид на договор и друг доказ за извршено плаќање кон продавачот и добиена услуга“, додава таа.

Потрошувачот бира

Претставничката на ОПМ потенцира дека согласно Законот за заштита на поторшувачите, секој производ (освен исклучоци одредени со Закон) може да биде вратен во рок од 15 (календарски) дена од денот на купување доколку истиот не е користен, по лични причини на потрошувачот (не му одговара бојата, изгледот, бројот/ големината и т.н.) со прикажување на фискална сметка или сметка парагон (на која стои називот на фирмата, името на производот, датум на купопродажбата, цена на производот и тоа да е потврдено со печат и потпис од овластено лице), и целосната амбалажа (пакување) со кое е купен производот.

„При враќање на производот потрошувачот може да одбере дали да му биде заменет производот со друг или да му бидат вратени парите. Кога се работи за договори склучени на далечина (интернет купување), од лични причини потрошувачот има право во рок од 14 календарски денови, производот или услугата да ги врати кај трговецот. Трошоците за враќање на производот ги сноси потрошувачот.

Овој рок од 14 дена се однесува и за производи купени на презентација (договори склучени надвор од просториите на трговецот), каде што се поднесува барање за повлекување од договорот“, истакна Грнчаревска.

Потребно е постојано унапредување на законската рамка

За тоа дали македонските закони доволно го штитат потрошувачот и дали има потреба да се менуваат, претставничката на Организацијата укажува дека е потребно секогаш да имаме постојано унапредување на законската рамка за заштита на правата на поторшувачите, којашто постојано ќе биде во усогласеност со Европското законодавство.

„Во тек е постапката за подговка и донесување на новиот Закон за заштита на потрошувачите, којшто ги следи политиките на ЕУ, ставајќи акцент на заштитата на правата на потрошувачите, правата и обврските на здруженијата на потрошувачи, како и надлежностите на државната администрација за заштита на потрошувачите, а којшто ќе биде усогласен со новата усвоена правна рамка (сет од директиви и регулативи) за заштита на потрошувачи на Европската Унија“, изјави Грнчаревска.

Според неа, во зависност до тоа за каков поторшувачки проблем станува збор, тие како Организација ги упатуваат потрошувачите коишто имаат поднесено поплака кај нив, да се обратат до надлежните државни инспекторати.

„Најчесто, доколку утврдиме дека има некој константен проблем со одредени трговци, а за кои сме информирани од повеќето поторшувачи, поднесуваме и известување до надлежните инспекторати, со цел да бидат запознаени со проблемите и да извршат инспекциски надзор“, вели Грнчаревска.

Н.П.

Поврзани вести

Бензините од полноќ поскапуваат за еден, а дизелот за половина денар

Влатко Зорба

Дали коронавирусот е „црн лебед“?

Stefanija Kuzmanovska

Шахпаска: Продолжуваме посветено да работиме на новиот Закон за работни односи

Берта Китинска