Американскиот долар може да исчезне како глобално доминантна валута, а американскиот пазар би можел да пропадне заради растечкиот државен долг. Ова го оцени Жу Мин, поранешен висок функционер во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Предупредувањето на Мин доаѓа во време кога се очекува од САД да ги удвојат мерките за фискален стимул за ублажување на кризата заради пандемијата на коронавирусот, пренесува РТ.
Конгресот во моментов разгледува нова рунда помош, која ќе чини најмалку 1 трилион долари, а досега се одобрени 2 трилиони долари.
Бидејќи Федералните резерви на САД продолжуваат со својата агресивна монетарна политика, постои ризик да се изгуби довербата во доларот, вели Жу, кој беше заменик извршен директор на ММФ од 2011 до 2016 година. Тој во моментов е шеф на Националниот институт за финансии на универзитетот Цингуа во Пекинг.
„Загриженоста не е само дали доларот ќе има акумулиран пад од 30 проценти во иднина, туку дали ќе има ненадејна експлозија на губење на довербата во американската валута, што би довело до пропаѓање на нејзиниот пазар“, изјави Жу за „South China Morning Post“.
Тој додаде дека компаниите сега се многу поранливи отколку за време на светската економска криза во 2008 година, бидејќи ниските каматни стапки драматично го зголемија обемот на нивното задолжување, пренесува Спутник.
Објасни дека Федералните резерви успеале да ја олеснат финансиската состојба со агресивна политика и спречиле натамошно опаѓање на економијата, но многу компании сè уште се „лизгаат“ кон банкрот заради прифаќање на мерки во борбата против вирусот и долгото траење на пандемијата.
„Значи, прашањето дали ќе има финансиска криза зависи од тоа дали големите компании ќе банкротираат и дали нивната задолженост ќе скокне, што може да доведе до државна криза“, рече Жу.