СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Надминати проблемите со стариот изведувач на експресниот пат Градско до клучка Дреново, градежните активности ги презема „Штрабаг“

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешната средба со стопанственици од Пелагонискиот регион, со кои се разговарало за економските политики на Владата на централно и локално ниво,се осврна на инвестициите во инфраструктурата во овој регион при што истакна дека во изминатиот тригодишен период во овој регион се случуваше силна инвестициона активност во делот на целокупната инфраструктура.

„Морам да спомнам дека наследивме многу проекти со проблеми несвојствени за градежништвото, но сакам да укажам дека веќе сето тоа е надминато и сега имаме чист терен за работа. Верувам дека стопанствениците ги интересира Коридор 10 д, кракот од Градско, па се до границата со соседна Грција, и еве накратко ќе се обидам да дадам јасна слика за состојбата и ативностите што ги преземаме за модернизација на овој Коридор. Ги надминавме сите состојби со стариот изведувач на изградба на експресниот пат делница Градско до клучка Дреново. Градежните активности ги презеде компанијата Штрабаг и тие веќе од минатиот месец се воведени во работа и верувам со подобрување на временските услови ќе се засилат гардежните работи. Инаку до сега физичкиот прогрес изнесува 33%. Понатаму, за втората фаза, од клучка Дреново до Фаришка клисура, знаете дека изведувачот го напушти градилиштето, а ЈП за државни патишта објави нов тендер за доизградба на преостанатите 65 % од оваа траса. Во овој момент се врши евалуација на пристигнатите понуди“,изјави Бочварски.

За третата фаза – Проширување на делница од Прилеп до мост на Ленишка река и изградба на трета лента од село Беловодица до Каменолом Маврово, се врши проектирање, истакна тој. Се очекува тоа да биде завршено до крајот на март и потоа во мај веднаш ќе се распише тендерот за изведување на градежните работи.

Во меѓувреме ќе се рехабилитира магистралниот пат Фаришка Клисура – Прилеп, практично третата лента на Плетвар. Тендерската постапка заврши, а постапката е во фаза на евалуација. Владата предвиди и изградба на автопатско решение од Прилеп до Битола. И на крај за оваа година предвидена е рехабилитација на државниот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија.

„Уверуваме дека сите овие инвестиции ќе дадат силен инпут во економскиот раст и развој на Пелагонскиот регион, а ние како Влада остануваме фокусирани на унапредување на целата инфрастуктура за да создадеме квалитетна патна мрежа и да овозможиме брз и безбеден транспорт на стока и патници”, објасни Бочварски.

Претставникот на бизнис секторот, Претседателот на регионалната стопанска комора од Битола, Мико Велковски посочи дека Пелагонискиот регион е втор по големина со 830 правни субјекти, со 220 илјади жители, кој создава 13% од БДП и дека во овој регион се произведува 65% од вкупното производство на тутун, 300 илјади литри млеко, што е 90% од вкупното производство.

„Сите овие бројки би биле поголеми доколку се реализираат инфраструктурните проекти и се изгради нов автопат”, кажа Велковски.

Поврзани вести

Петстотина најбогати луѓе на свет изгубија во еден ден вкупно 120 милијарди евра

Старосната граница за жени во пензија ќе биде 62 години, со можност за продолжување на плус 2 години

ЕУ постигна договор за пакетот помош вреден 750 милијарди евра