Народната банка постојано ги разгледува релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки. Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата.
Денес, на својата веб-страница, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Одговорите се достапни на следнава врска: Прашања и одговори за крипто-средствата
НБ: Не подготвуваме регулатива за криптовалути, но ги следиме практиките на централните банки од ЕУ
Општо земено, Народната банка ѝ укажува на јавноста дека:
- Како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата. Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.
- Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот.
- Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата.
- Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања.
Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.
Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.