СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

НБ: Не подготвуваме регулатива за криптовалути, но ги следиме практиките на централните банки од ЕУ

Дигиталните валути земаат замав во последниов месец, а цената на најпознатата од нив, Биткоин во јануари го достигна врвот од речиси 42.000 долари.

Додека во регионот веќе може да се тргува и купува со различни криптовалути, кај нас тие се уште се во доменот на непознатото за повеќето граѓани.

Во однос на тргувањето и купувањето на крипто-средства од Народната Банка за „Стандард“ велат дека вложувањата во нив по правило носат висок ризик за лицата што вложуваат и во голема мера произлегува од високата волатилност на нивната вредност, а која што е значително повисока споредено со волатилноста на други, финансиски и нефинансиски средства.

– За краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока. Лицата коишто би вложувале во крипто-средство треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула. Тие треба да имаат предвид дека крипто-средството не е издадено, ниту пак неговата вредност е гарантирана од некоја централна банка. При вложување во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, особено ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење на имот. Крипто-средствата не се депозити и не постои механизам преку кој вложувачите ќе бидат обештетени, велат од Народна банка.

За тоа дали дигиталните пари може давлијаат на монетарната и финансиската стабилност или на банкарскиот сектор кај нас, посочуваат дека тековните анализи упатуваат дека крипто-средствата не креираат ризици по монетарната и финансиската стабилност, но лицата што би вложувале во нив треба да ги имаат предвид ризиците на коишто се изложуваат.

На прашањето дали во иднина би можело да се донесе законска рамка со која ќе може да се регулира трговијата со криптовалути од НБ истакнуваат дека речиси не постои регулатива која го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства, иако потребата за регулирање станува сѐ поочигледна.

– Исто и во нашата земја, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средства не е регулирано. Тековно, Народната банка не подготвува одделна регулатива, но се прават анализи и се следат сите глобално актуелни прашања за крипто-средствата, следејќи ги практиките и на централните банки од ЕУ, додаваат оттаму.

В.З.

Поврзани вести

Битиќи во посета на „Пејпер Мил“: Фабриката го рестартира производството по инсталирање на еколошки филтер

Влатко Зорба

Со реновирање на Св. Пантејлемон како монашко светилиште се јакне манастирскиот туризам

Влатко Зорба

Битиќи се сретна со шпанскиот амбасадор Лоренцо Сера

Александар Петровски