СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Објавена листата на граѓани коишто се добитници на ваучери за домашен туризам

Над 10 милиони евра ќе се слеат во туристичкиот сектор преку мерката со која на 117.122 граѓани со ниски приходи ќе им се издадат ваучери за домашен туризам, кои се дел од третиот сет на мерки на Владата кои имаат за цел да го зажививеат секторот кој е најпогоден од пандемијата со КОВИД-19, но и во текот на реотворањето, со доделување 6.000 денари што можат да се искористат во домашните туристички капацитети во периодот од 15 јули до 15 декември годинава, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Завршија сите потребни процедури од денеска се пушта во употреба платформата „Дома си е дома“ со која почнува реализацијата на мерката за издавање на ваучери за домашен туризам. Конечната листа е објавена веќе на веб-страницата domasiedoma.gov.mk каде сите граѓани коишто се добитници на ваучери ќе може да проверат дали се на листата или не.

Конечната листа на граѓаните кои се добитници на ваучерите е веќе објавена на веб-страницата „домасиедома.гов.мк“, која денеска е пуштена во употреба и на неа сите можат да проверат дали се на списокот со внесување на матичниот број. Граѓаните кои се веќе на листата на добитници ваучерите за туризам ќе ги добијат преку електронска пошта односно за истите не е потребно никакво аплицирање. Министерството за економија веќе ги испрати ваучерите на електронските адреси кои граѓаните ги имаат доставено во УЈП, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска.

Во случај граѓаните да немаат електронска адреса доставена до УЈП, посочи, преку нивниот единствен матичен број ќе можат да ја ставаат нивната електронска адреса каде што би сакале да им се прати ваучерот кој понатаму ќе може да биде симнат од нивна страна, да се испечати и секако да се искористи.

-Секој ваучер гласи на име и презиме на секој граѓани. Ваучерот содржи кјуар код – ваучер код и пин код и лицето ќе мора да го покаже ваучерот при искористувањето на давателот на туристички услуги. Ваучерот ќе мора да се искористи во една посета и ваучерите ќе може да се користат од 15 јули 2020 до 15 декември 2020 година за сместување и патување во нашата земја. На платформата освен листата на добитници ќе биде објавена листа на сите даватели на туристички услуги кои ќе се регистрираат и ќе ги понудат своите сместувачки капацитети. Сите даватели на туристички услуги почнувајќи од понеделник 15 до 30 јуни ќе може да се регистрираат на платформата со пополнување на едноставен формулар кој ќе го најдат на платформата. На тој начин граѓаните кои се добитници на ваучерите за домашен туризам лесно ќе може да ги видат сите достапни капацитети и да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер, потенцира Бектеши.

На листата на граѓани кои имаат право на ваучер за домашен туризам според Уредбата, потенцира, се сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно, односно вработените граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле приходи повисоки од 60.000 денари по основ на нето плата и надоместоци.

-Овие граѓани со ниски приходи ќе добијат ваучери од 6.000 денари кои ќе може да ги користат во домашните туристички објекти. Тие исто така ќе добијат и платежна картичка од 3.000 денари преку мерката „Купувам домашно“. Картичките ќе им бидат испорачани директно до граѓаните од страна на банките, а овие платежни картички ќе може да ги користат за купување на домашни производи и услуги, рече Бектеши..

Информира дека за полесно и побрзо категоризирање на туристичките капацитети кои се уште не се категоризирани на последната седница на Владата на предлог на Министерството за економија беше донесена Уредба со законска сила со која се намалува бројот на членови во Комисијата за категоризирање на туристичко-угостителските објекти од 13 на пет и се вклучува дополнителен еден член од приватниот сектор.  Ги повикува сите туристички капацитети во државата кои не се категоризирани тоа да го направат заклучно до 30 јуни за да можат потоа да аплицираат за користење на мерката и ќе можат нивните понуди да ги прикачат на платформата со што граѓаните кои ќе имаат ваучери ќе можат истите да ги искористат кај нив.

-Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните, Министерството ќе врши исплата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам,нагласи Бектеши. и ги повика и сите граѓани коишто се добитници на ваучери за туризам да ги искористат во некои од  домашните туристички капацитети.

На тој начин, додаде, не само што ќе помогнеме на туризмот во земјата и ќе им помогнеме на нашите хотелиери да ги намалат загубите од оваа криза, туку ќе ја поддржиме и целата македонска економија.

Поврзани вести

БДП во последниот квартал лани со раст од 3.4 отсто

Влатко Зорба

„Ербас“ со загуби од 481 милиони евра во првото тримесечје

Досегашната помош за угостителите беше доволна, смета Бектеши

Влатко Зорба