СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

„Оштетени штедачи“: На семејството Костовски му се нуди можност за нов криминал

Во неодамнешниот случај со злоупотребата на европските фондови од околу 400 илјади евра беше осомничена Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку брз и ефикасен процес од само пар недели спроведен како никогаш претходно во нашата држава, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против директорката Димова и други осомничени лица за повеќе кривични дела како што се: злоупотреба на службената положба и овластување, измама на штета на средства на европската заедница, соизвршителство и несовесно работење. Судот информираше дека експресно ги одзел редовниот и дипломатски пасош на Лидија Димова , како мерка за обезбедување присуство додека трае истрагата против неа како и доставил забрана да таа врши одредени работни дејствија.

Случајот со сторениот криминал од речиси 60 милиони евра во Еуростандард банка, ограбени пари од депозитите на физички лица и фирми во банката, е далеку за споредба со горниот случај како според големината на криминалот така и според одлучноста, брзината и динамиката на решавање на случајот од страна на надлежните институции.

И после четири месеци од затворањето на Еуростандард банка никој сеуште не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот. Напротив, на главните носители на криминалот во банката, семејството Костовски, им се дозволува да отворат фирма за управување со инвестициски фонд за да продолжат со понатамошен грабеж или пак да го обновуваат познатиот „Кермес“ во градскиот парк во Скопје, и сето тоа со нашите покрадени пари. Очигледно, кога се работи за пари од европските даночни обврзници нашите надлежни институции реагираат и санкционираат молскавично, а кога се работи за пари на граѓани и фирми во државава на кои им се ограбени нивните лични доверени средства во банка, постапката се очекува да трае со години, да се остави на времето за да можеби никогаш и не заврши. Овие оштетени обични луѓе и фирми депоненти на банката, живеат, работат и функционираат во земјава, плаќаат даноци, се лојални на државата и директно придонесуваат во развој на домашната економија. Но сепак, кога ќе има потреба да државата ги заштити од проневери, злоупотреби и кражби и да веднаш ги санкционира оние кои тоа го направиле, тоа не се случува. Тие се оставени на немилост на системот којшто дозволил да бидат ограбени, излажани, измамени и оштетени.

Дали ќе оставиме времето да помине, оштетените да ги загубат своето здравје и мир а крадците на нивните депозити во регулирана и контролирана банка да бидат слободни и да уживаат со украдените пари!? Доказите за сторениот криминал во Еуростандард банка се видливи и лесно достапни, тука се пред нас. Се работи за потпишани и одобрени договори за дадени кредити и други релеванти материјали вклучително и документи за трансакции за перење пари кои се наоѓаат во архивата и компјутерскиот систем на Еуростандард банка, сега во стечај. Само ако се има волја многу лесно и брзо ќе се дојде до вистината и правдата на оние кои ги очекуваат и се борат за нив, а сето тоа ќе биде и од огромен придонес и за сите останати граѓани и фирми кои чуваат пари во другите банки во државава или работат со истите.

Апелираме и очекуваме да надлежните институции реагираат доследно и го решат овој масовен криминал во сега веќе затворената Еуростандард банка во најскоро можно време. Може веднаш да започнат со луѓето на раководни позиции во банката, оние кои го иницирале, организирале, развиле и спровеле криминалот преку делење на непокриени кредити, перење пари, фалсификувања и измами односно делени пари од депозитите на граѓаните и фирмите на вересија. Потоа лесно може да продолжат и со сите други инволвирани лица во криминалот, добро познати на раководните лица од банката. Вистината мора да се открие и правдата да се задоволи, а криминалците да одговараат за сторените проневери и злоупотреби. Зошто ако нема правда нема да има ни мир.

Поврзани вести

Генералниот директор на ТАВ, Алпер Ерсој заминува од Македонија

Берта Китинска

Биткоинот забележа најдобар почеток на годината од 2012-та

Ковачевски: Не е точно дека нивото во акумулациите е под критичниот минимум