Во земјите од Западен Балкан може да има економски раст од 4,4 проценти оваа година, доколку регионот успешно излезе од пандемијата Ковид-19, објави Светска банка.
Се предвидува економски раст во Србија, БиХ, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Албанија по намалувањето од 4,8 проценти во 2020 година.
Додатокот во макроекономскиот извештај за Европа и Централна Азија предвидува дека економијата во земјите од Западен Балкан може да порасне за 3,7 проценти во 2022 година.
– И покрај напредокот, заработката по глава на жител се очекува да остане 6,5 проценти под предвидувањата пред пандемијата до 2022 година, се наведува во документот.
Извештајот нагласи дека главниот предуслов за раст во регионот ќе биде враќање на довербата на потрошувачите и компаниите како резултат на слабеењето на пандемијата и намалената политичка нестабилност.
Земјите од Западен Балкан се соочуваат со нагло зголемување на бројот на лица заразени со коронавирусот оваа година, но кампањата за вакцинација веќе започна во сите земји, потсетува Ројтерс.