СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Работодавачи: Не постои начин на кој помошта во плати може директно да се уплати на сметка на работниците

Продолжување на финансиската помош во идните 2-3 месеци. Ова е прво на листата на барања со кои работодавачите до средината на следната недела ќе излезат пред Владата.

Децидни се дека помошта е од суштинска важност за успех на петиот пакет мерки бидејќи на тој начин ќе можат да се задржат работниците и да се спасат компаниите од стечај и од ликвидација.

„Очигледно е дека многу компании ги држат во работен однос дел од работниците само заради стекнување на правото на помош иако вработените само седат дома. Исто така, некои компании ги вратија на работа работниците на кои работниот однос им престанал со изминување на времето за кој што бил склучен, само за да го задоволат критериумот – задржување на бројот на вработени за да земат помош“, изјави за „Стандард“ претседателот на Организацијата на работодавачи – Ангел Димитров.

Она што според него сепак останува како факт е податокот дека мерките за исплата на плата недвосмислено беа насочени на задржување на работните места, и со нив беа спасени околу 60.000 работни места во државата.

За работодавачите не е спорен предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија, помошта директно да се исплаќа на работниците, но тоа според нив не може да се реализира во пракса.

„Тоа е технички проблем во УЈП и не постои решение за таа работа“, заклучува Димитров.

Според него, бројот на компании кои добиле помош, а не исплатиле плати е многу мал и повеќето се компании со од еден до десет вработени. Оправдувањето за ваквата нивна постапка ја лоцира во финансиските проблеми.

„Не верувам дека тоа го направиле намерно, туку проблемите во ликвидноста биле поизразени и компаниите покрај обврските за плата имале и други обврски, за кредити, даноци, блокирани сметки од извршители итн.“, вели Димитров во одбрана на работодавачите.

Од Организацијата на работодавачи предупредуваат дека финаниската помош која како што посочуваат, фиктивно вратила на работа работници кои биле ангажирани во јуни, јули и август за да може компанијата да користи помош нема да може се спроведува на долг рок.

„Со повици, притисоци и желби не се вработуваат работници“, категоричен е првиот човек на Организацијата на работодавачи.

Според него, мерките на Владата треба да траат додека постојат законски забрани за работење во продажбата, рестораните, хотелите… Од друга старна, во дејностите каде намалувањето на потрошувачката не влијае негативно на нивниот бизнис, компаниите треба да се поддржат со стимулации за набавка на современа опрема за да ја задржат конкурентноста со странските фирми.

Во делот на даноците не очекуваат драстични олеснувања освен одложување на даночните обврски и намалување на ДДВ-то за најпогодените сектори. На листата што ќе ја достават до Владата, ги повторуваат барањата кои се однесуваат на поддршка во безкаматни кредити пласирани преку Развојната Банка и државна гаранција за комерцијални кредити како поддршка на старт ап, микро и мали компании.

Работодавачите не оставаат простор за оптимизам доколу потешкотиите продолжат уште 5-6 месеци.

„Мислам дека тогаш ниту Владата ќе има можност за идна финансиска помош, ниту пак компаниите ќе можат да го издржат проблемот со недостиг на нарачки“, оценува Димитров.

К.В.С.

Поврзани вести

Бесими за МИА: Иновативни решенија за фискална консолидација и финансирање на економско заздравување и раст

Влатко Зорба

Одложен состанокот со потенцијалните катарски инвеститори во Вардар

Влатко Зорба

Реализирани над 75 % од магистралниот гасовод Скопје – Гостивар

Влатко Зорба