Северна Македонија минатата година го зголеми производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 % и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3%, објави специјализираниот портал Балкан Грин Енерџи Њуз.
Со ваквиот раст земјава се најде на трето место меѓу земјите од регионот, зад Кипар кој забележа зголемување на производството на енергија од обновливи извори за 15,2% на 371 мегавати и Турција со раст од 10,8 % на 49,4 гигавати.
Зад Северна Македонија се најдоа Грција со зголемување за 9,5 % на 10,9 гигавати, Албанија со раст од 6 %на 2,3 гигавати и Хрватска која го зголеми капацитетот на производство на енергија од обновливи извори за 5,1 % на 3,2 гигавати. Останатите земји од Југоисточна Европа забележаа многу низок раст на искористувањето на обновливите извори на енергија, посочува порталот.
Според податоците на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), глобалниот капацитет на производството на енергија од обновливи извори во 2020 година е зголемен за 10,3 %, на нешто помалку од 2,8 теравати.
Економскиот пад предизвикан од пандемијата на коронавирусот остави длабоки последици на целата планета, но обновливата енергија продолжи да бележи раст. Импресивно е и тоа што соларната енергија и енергијата на ветерот заедно сочинуваат 91% од новите инсталации. Соларната енергија имаше најголем раст од сите технологии од 22 % на 714 гигавати, следена од енергија на ветрот со раст од 18 % на 733 гигавати, се додава во извештајот на ИРЕНА.