Министерот за локална самоуправа Горан Милевски на денешната прес-конференција истакна дека приоритет во четиригодишниот мандат ќе му биде подобрување на системот на локална самоуправа, подоследно спроведување на политиките на рамномерен регионален развој и уште поефикасно управување ИПА фондовите на ЕУ за прекугранична соработка.
– Овој мандат го почнуваме со стратешко планирање и програмирање во сите три области. Отпочнавме со подготовка на новата стратегија за регионален развој и на нов закон за регионален развој. Стратешкиот документ ќе го детерминира развојот на планските региони и на државата за наредните 10 години. Работите мора да се менуваат системски, затоа што претходниот стратешки документ 2009-2019 година не ги даде очекуваните резултати. Според развојниот индекс, Скопје во однос на другите плански региони предничи двојно. Од друга страна пак, податоците покажуваат дека расходите по глава на жител во другите плански региони се пониски само една третина во однос на скопскиот регион, истакна Милевски.
Тој посочи дека во четири плански региони, Вардарскиот, Источниот, Југозападниот и Пелагонискиот регион има негативна стапка на пораст на населението.
– Во другите четири плански региони индексот се движи од 0,1 во Југоисточниот; 0,6 Североисточниот; 2,5 Полошкиот и 4,9 во Скопскиот плански регион. Направената оценка од спроведувањето на претходниот стратешки документ покажа дека за 10 години во осумте плански региони за 10 години биле реализирани 2247 проекти во износ од 373, 8 милиони евра или просечно 166.355 евра по проект. Околу 10 отсто од овие средства се реализирани преку министерството за локална самоуправа, а останатите 90 отсто од другите ресори, како образование, труд и социјала и други. Од 2017 до 2019 Владата ги дуплираше средствата за рамномерен регионален развој,
Министерот посочи дека искуството и анализите покажале дека само со насочување на јавните инвестиции како единствен механизам за намалување на разликите, не дава соодветни резултати. Во овој мандат, Милевски рече дека сака со фронтален сет мерки да ги менуваат работите, кои ќе ги намалуваат разликите, но и ќе ги зголемуваат конкурентските предности на секој плански регион. Тоа значи, доследно почитување на степенот на развиеност на планските региони при прераспределбата на средствата за капиталните инвестиции од сите министерства. Досега овој принцип единствено го применува Министерството за локална самоуправа, посочи Милевски.
-Квалитетот на живеење ќе го менуваме со воедначување на стандардот на јавните услови на сите делови на државата. Училиштата, детските градови, патиштата, комуналната инфраструктура треба да бидат подеднаково функционални за сите граѓани, рече министерот.
Тој посочи дека за овој мандат, меѓу приоритетите, ќе му биде и процесот на децентрализација, како и потранспарентно и поотчетно управување со ИПА фондовите, зголемен инспекциски надзор, но и менување на изборот за советници, кои, според министерот, треба да се избираат на отворени листи.