Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во вчерашното издание на „360 степени“ зборуваше и за случајот со рекреативниот центар Треска.
Тој вели дека за жал, ингеренции на Општина Сарај за езерото Треска и околината се дадени со одлука на Советот на Град Скопје некаде во 2011 година, а во 2017 година, тие се обиделе да дадат вредност на овој рекреативен центар да биде од државен интерес.
„Владата уште во 2017 година одлучи тоа место да стане туристичка зона, а со тоа задолжение доби Оптшина Сарај, да донесе детален урбанистички план и да се влезе во реализација. Тој се донесе и веројатно она што сега се случува на терен е имплементација“, вели Шилегов.
Посочи дека кога треба да се работи проектот во кој е тесно вклучена заедницата потребно е да се повикаат тие луѓе и да им се објасни што точно ќе се случува. Тој додава дека сега „Треска“ е од државен интерес и ниту тој како градоначалник на Град Скопје, ниту Блерим Беџети како градоначалник на Општина Сарај, не можат сами да оперираат со тој систем.
„Она што сега се случува таму, претпоставувам, при крај се и разговорите со инвеститорите и ова е на еден начин почеток на враќање“, рече Шилегов одговорајќи на прашање околу неговото ветување од локалните избори во 2017 година дека „Треска“ ќе ја врати под надлежност на Град Скопје и граѓаните.