СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

„Со подзаконски акт да не се поткопува законската забрана на пластичните кеси“

„На прес-конференција во декември 2019 година министерот за животна средина Насер Нуредини кажа дека од 1 јануари 2021 година, со новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, ќе се забранат пластичните кеси за пазарување и во промет ќе се пуштаат само биоразградливи кеси. Помина 1 јануари. Помина цела година од пресот на министерот, но новиот закон не е донесен. Во обид да создадат впечаток дека нешто прават, дури пред некој ден овој нов закон ја помина владината процедура“, велат од Иницијативата за забрана на пластични кеси.

„Министерството за животна средина ја дезинформира јавноста кога ја претставува забраната на пластичните кеси за пазарување како нешто што допрва треба да се случи. Уште од 2012 година, значи веќе осум години, овие кеси се забранети со закон (со член 8-а од важечкиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување). Исто така, она што не го кажуваат од ова Министерство, чија надлежност е да ја унапредува заштитата на животната средина, е дека токму тие, преку Правилникот за стандардите за биоразградливост од 2013 година, ја поткопаа законската забрана на пластичните кеси. И тоа на два начини. Прво, дозволувајќи, спротивно на законот, да се пуштаат во промет пластични кеси во многу сектори. Второ, протнувајќи ги пластичните кеси со додадени адитиви (т.н. оксоразградливи кеси) како биоразградливи.

Бараме Министерството за животна средина, Владата и Собранието да го сведат на минимум дополнителното одолговлекување на донесувањето на новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. И во него, стандардите за забрана на пластичните кеси да бидат зајакнати. Исто така нагласуваме дека Министерството за животна средина не смее повторно да си го дозволи луксузот, по донесувањето на новиот закон, со подзаконски акт да ја поткопува законската забрана на пластичните кеси.

Заштитата на околината и природата не е луксуз, туку нужен предуслов за квалитетен живот. Загадувањето со пластика е потценет, но реален проблем. Со забраната на пластичните кеси се дава само мал придонес во борбата против пластичното загадување и во борбата за заштита на околината во која живееме и на нашето здравје. Оттука, нема изговори за непримената на постоечката забрана на пластичните кеси и за одолговлекувањето на носењето на новиот закон“, додаваат од Иницијативата.

Поврзани вести

Цените на „црното злато“ на највисоки нивоа во последните две години

Stefanija Kuzmanovska

Влада: Во тек е исплатата на еднократната финансиска помош 6.000 денари

Берта Китинска

Скопје ќе добие „Бас Рапид Транзит“

Влатко Зорба