Скоро една третина од Американците ги загубија своите работни места или приходите поради коронавирусот, а бранот на отпуштања ги погоди особено тешко оние со пониски приходи, откри неодамнешно истражување.
Вкупно 30 проценти од испитаниците на анкетата „Галуп“ велат дека епидемијата има негативно влијание врз нивното работно место или нивните финансии.
Десет проценти се привремено отпуштени од работа, при што 85 проценти очекуваат да се вратат на своите стари работни места, покажала студијата, откриена во четвртокот.
Една четвртина од испитаниците рекоа дека нивната заработка е намалена, а еден од шест работи пократко од порано.
Меѓу оние со пониски приходи, четири проценти од испитаниците останале трајно невработени, наспроти два проценти од вкупно анкетираните, покажува истражувањето.
Меѓу оние со годишен приход помал од 36.000 американски долари, 14 проценти биле отпуштени, а 32 проценти останаа без приходи.
„Притисокот е поизразен кај оние со пониски приходи“, забележаа истражувачите.
Резултатите од истражувањето на „Галуп“ се во согласност со оние на другите истражувачки институти и организации кои исто така покажаа дека пандемијата на коронавирус најсилно влијае на работниците со ниски приходи.
Така, минатонеделното истражување на „Пју Центарот“ откри дека популациите што не се бели и немаат завршено колеџ се со поголема веројатност да бидат без работа и плата.
Бројките на Министерството за труд покажуваат дека дури 26,5 милиони Американци побарале бенефиции за невработеност од средината на март, а кабинетот на претседателот Доналд Трамп проценува дека стапката на невработеност би можела да достигне 16 проценти во април, па дури и да го надмине тоа ниво.
Анкетата на „Галуп“ беше спроведена преку Интернет помеѓу 13 и 19 април на случаен примерок од 5.725 возрасни граѓани на САД.
Ројтерс потсетува дека бројот на заразени во Соединетите држави надминал 970.000 и дека повеќе од 55.000 луѓе починале од Ковид-19.