СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Стопанска комора: Пописот е потребен и неопходен за носење бизнис одлуки

Претставници на Државниот завод за статистика предводени од Јасмина Ѓоргиева, координатор на Секторот за дисеминација и односи со јавноста при Државниот завод за статистика, денеска остварија работна средба со генералниот советник на Управниот одбор (УО) на Стопанската комора, Зоран Јовановски, придружуван од негови колеги и претставници на бизнис заедницата, членки на Стопанската комора, кои се вклучија преку видео врска.

Информирајќи подетално за потребата од Пописот 2021 година, Ѓоргиева го истакна значењето од целосно вклучување на сите граѓани во оваа сложена операција која ќе обезбеди податоци корисни за бизнис заедницата во поглед на планирање на развојни политики, планирани инвестиции и проекции за капацитетот на потребната работна сила.

Таа ја истакна потребата од интензивирање на соработката со членовите на бизнис заедницата особено во однос на обезбедувањето логистичка поддршка и информираше за реализацијата на подготвителните активности и детали за комбинираниот метод на попишување кое ќе се спроведе од 1 до 21 април за сите граѓани и од 1 март за одредени категории граѓани, како и за нерезидентното население, односно државјаните на Северна Македонија кои повеќе од 12 месеци живеат во странство.

„Соработката со Стопанската комора ни е потребна во насока на пренесување и ширење на информациите за обезбедување податоци при попишувањето. Добиените податоци од Пописот ќе овозможат дополнителни информации за сегашните и идни потенцијали за економски развој кои ќе бидат од значајна корист и за компаниите и за државата при понатамошното дефинирање на стратешките политики и активности“, рече Ѓоргиева.

Генералниот советник на УО на Стопанската комора, Јовановски, изрази подготвеност за динамизирање на соработката околу обезбедувањето логистичка поддршка со цел најдобро организирање на Пописот.

„Ставот на Стопанската комора е дека Пописот е потребен и неопходен и треба да биде финализиран на најдобар можен начин. Оваа сложена статистичка операција не ја гледаме како економска категорија и не навлегуваме во методолошките аспекти, но сметаме дека е потребна и корисна за макроекономските планирања и носењето на бизнис одлуките“, оцени Јовановски.

Тој посочи дека во поглед на методологијата за изведување на Пописот, Стопанската комора е сигурна дека Државниот завод за статистика ги има применето сите меѓународни препораки и стандарди и со својата професионалност гарантира успешен процес на попишување кој сите со нетрпение го очекуваме.

Поврзани вести

КСС: Пандемијата ни покажа колку е важна безбедноста и здравјето на работниците

Влатко Зорба

Лукаревска: Контроли на 60 фирми кои земале државна помош, а не исплатиле плати

Влатко Зорба

Само од он-лајн, спортските обложувалници ќе придонесат повеќе од 500 милиони денари во државниот буџет за една година

Влатко Зорба