На 06.10.2020 Основниот граѓански суд Скопје објави пресуда со која ја усвои втората тужба (од вкупно три) на акционерите иматели на приоритетни акции на Стопанска Банка АД Скопје. Пресудата тогаш беше само усно објавена, а писмено доставена после Божиќните празници, соопшти Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје.
„Со втората тужба акционерите бараа поништување на одлуките за распределба на добивката за 2018 година и за гарантираната дивиденда на приоритетни акции за 2018 усвоени на годишното Собрание на акционери во 2019 година. Со поништувањето на двете одлуки, тие не произведуваат правно дејство.
Судот објективно:
* ги ценеше фактите и доказите, законските одредби, но и дадените појаснувања и толкувања од тужителот,
* ја ценеше констатацијата на КХВ за правната дискрапанца во Статутот на Банката која се однесува на правата на приоритетните акции,
* го ценеше и фактот што Банката и самата призна дека Статутот им е фаличен, со тоа што свика вонредна седница на Собранието на акционери во ноември 2019 на кое една од точките на дневен ред беше дополнување на Статутот во делот на правата на приоритетните акции.
Со тоа судот покажа максимална стручност, професионалност и независност во овој предмет.
Оваа пресуда ќе биде во корист на сите над 3.600 акционери на Банката од денес, па во иднина. Со пресудата никаква штета не се предизвикува кон работењето, нити кон имиџот и репутацијата на Банката. Пресудата во корист на акционерите ќе има огромна историска вредност, но и важност во поглед на заштитата на правата на малите акционери, не само кај Банката, туку и пошироко во други акционерски друштва во земјата. Судот го убедивме дека, интерес во неисполнување на обврските кон имателите на приоритетни акции има само мнозинскиот акционер (грчката национална банка) кој гласал за одлуката со намера за себе да стекне корист на штета на другите акционери, односно на штета на имателите на приоритетните акции.
Пресудата е претходница на третата тужба од 27.12.2019 во која 430 акционери ја тужат банката за утврдување на правата (кои ги докажавме !), но и бараат надомест на штета за неисплатена дивиденда.
Но, најзначајно е тоа што во нашата земја за прв пат ќе биде запишано (во ЦДХВ) дека приоритетните акции можат истовремено да бидат од двете класи (кумулативна и партиципативна). Во изминатите две години имавме разговори со претставници на разни институции, и скоро кај сите постои едно “знаење” дека приоритетните акции неможе да бидат од двете класи истовремено. Неуспеавме да откриеме кој е изворот на таквата погрешна теорија, што и не е толку важно. Поважно е што успеавме да ја поправиме таа теорија токму со оваа пресуда, изнесувајќи докази од развиените пазари на капитал, но и од домашната стручна литература. Домашната теорија, поточно регулатива темели токму на таа странска теорија која за жал, многумина не ја разбрале на правилен начин.
Кога пресудата ќе биде конечно потврдена, ЦДХВ ќе треба да определи нов ИСИН број за новиот вид на хартија од вредност: приоритетни кумулативни и партиципативни акции.
После цели 20 години прекршување на правата од страна на Банката им дојде крајот. Но, сигурно ќе треба да почекаме уште малку, бидејќи очекуваме Банката да вложи жалба. Само, се прашуваме, што ќе докажуваат, дека развиените пазари на капитал во светот се во заблуда над 100 години со теоријата за приоритетни акции?“, додаваат од Координативното тело.