Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2020 година, изнесува 5.232.561.000 евра и бележи пад од 11,6% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.801.375.000 евра, што е за 11,2% помалку во споредба со истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2020 година, изнесува 1.568.814.000 евра.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – ноември 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.