Владата на Република Северна Македонија денеска ги одржа редовните 173-та и 174-та седница.
Редовната 173 седница, Владата речиси целосно ја посвети на разгледување и усвојување на програмите и на финансиските планови за работата на министерствата, на јавните и државни претпријатија, како и на акционерските друштва во сопственост на државата.
На оваа седница, Владата на Северна Македонија ја донесе Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила врз основа на критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила.
Со оваа уредба, како и со критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила се очекуваат големи придобивки за целото општество преку намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, преку обнова на возниот парк со поттикнување на купување на поеколошки возила како резултат на намалување на данок на возила со голема економичност на гориво, како и набавка на хибридни и електрични возила со ниска или “0“ емисија на јаглерод диоксид – CO 2.