СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Втор ден расправа за ребалансот на Буџетот за 2019 година

Пратениците денеска втор ден ќе расправаат по Дополнетиот предлог ребаланс на Буџетот за 2019 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари, а дефицитот останува непроменет и е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари.

Со ребалансот се предвидува намалување на приходната и расходната страна за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто, се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Целта на ребалансот е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ). Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.

Намалување има на позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.

Со ребалансот се обезбедуваат средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, дополнителни средства во износ од 560 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, средства за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари, за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување и 815 милиони денари за Фондот за пензиско и здравствено осигурување.

Поврзани вести

Ажуриран списокот на кој може да проверите дали ви следува финансиска помош од државата

Влатко Зорба

Инвестиции во Полошкиот регион за зголемување на производството во земјоделието

Влатко Зорба

Започна исплатата на средствата од МојДДВ за последното тримесечје од 2020 година

Влатко Зорба