Интересот за летување или воопшто за какво било патување е сведен на минимум, но со оглед на фактот што во моментов буквално сите граници ни се херметички затворени, со исклучок на 1-2 земји, јас навистина не знам и што друго можеме да очекуваме, вели во разговор за „Стандард“ Александар Чоневски од туристичката агенција „Игуана Травел“.
Истиот став го делат и од туристичката агенција „Атлас“, од каде велат дека нивната работа е секако организирање на патувања и дека тие тоа го прават меѓутоа интерес нема.
„Постои интерес само за индивидуални аранжмани од лица кои или го прележале вирусот или имаат примено вакцини. Но секако тоа е во мал број“, истакна за „Стандард“ Маја Димитровска, директорка на туристичката агенција.
Во однос на тоа дали корона-кризата ги намали или ги зголеми цените, односно дали е сега поефтино да се закупи аранжман за разлика од пред кризата, или поскапо, Чоневски наведе дека цените во основа би требало да останат горе-долу исти.
„Во интерес на сите нас од фелата е да почнеме да работиме а побарувачката ќе ги диктира темпото на работа, цените, условите и слично“, вели тој.
За закупување на аранжмани, како што објасни Димитровска, не може точно да се каже дали има зголемување или намалување на цените затоа што се е ставено на чекање за да се види какви ќе бидат протоколите во другите земји кои секојдневно се менуваат. Така што доколку преговрате за закупи на сместувачки капацитети, треба да имате конкретни барања за одредена дестинација и тоа е пропратено со депонирање на одредена сума пари, а тоа во овој момент е голем ризик, додава таа.
„Протоколите за зараза со коронавирусот се пропишани од земјата која се посетува и секако постојат правила за постапување. Нашите патници секако треба да имаат извадено патничко осигурување кое го покрива и коринавирусот“, одговори директорката на „Атлас“ на прашањето дали има некаков пропишан протокол во случај некој од нашите граѓани да се зарази со коронавирус додека е во странство.
Двете туристички агенции беа согласни дека бележат огромен пад во прометот за минатата година (2020 -та во однос на 2019-та).
„Резултатите се поразувачки и катастрофални! Во 2020 година споредбено со 2019 година падот на промет во нашата команија е над 90 отсто додека во тековната 2021 година е уште полошо или поточно, воопшто и немаме никаков промет, што би се рекло 100 отсто пад на работењето. Да напоменам дека трошоците се исти“, изјавија од „Игуана Травел“.
Ништо подобра не е состојбата и кај „Атлас“, од каде што наведоа дека исто така падот на прометот минатата година во споредба со 2019 е над 90 отсто.
„Според ситуацијата која е непроменета и оваа година, за жал, многу неизвесно е дека падот на прометот ќе продолжи и оваа 2021 година“, додадоа оттаму.
Што се однесува до ваучерите за туризам како форма на помош за туристичкиот сектор, од „Игуана Травел“ велат дека единствено би им помогнало доколку границите се отворат и тие можат слободно да работат и да не молат никого за помош, туку самите да си заработуваат како што е случај изминатите 29 години постоење на компанијата.
„За спас на туристичкиот сектор треба многу повеќе од реализација на ваучерите за туризам преку туристичките агенции, знаејќи дека голем дел од тие ваучери во минатата година останаа нереализирани“, соопштија од „Атлас“.
С.К.