СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Заев: Немаме намера да го продаваме акционерското друштво во државна сопственост Електрани на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев како експликација на делот на Буџетот за 2021 година кој се однесува на поголема разновидност и на дополнителни извори на приходи во државната каса ги наведе иницијативите за јавно приватно партнерство за хидроцентралата Чебрен, инвестициите во ветерници за производство на струја со јачина од по 30 мегавати во Богданци, во Гевгелија и Свети Николе како и во реализација на соларните електрани во Осломеј со вкупен капацитет од 100 мегавати.

Заев истакна дека една од извесните инвестиции во форматот јавно-приватно партнерство е предвидена и за ТЕЦ Неготино за нејзина трансформација во електро-централа на хидроген.

Во делот на енергетиката премиерот го најави и инвестицискиот проект на Владата на Северна Македонија за влегување со акционерски удели во гасната станица за производство на електрична енергија и во терминалот на течен природен гас во Александропулос – Грција, за што е донесена одлука за формирање тимови за преговори.

Нагласи дека во насока на дополнување на изворите за Буџетот се очекуваат инвестиции во ски центарот Попова Шапка, со дополнителна одлука за дали тоа ќе оди на продажба или со концесија, како и на туристичките објекти во Струга во сопственост на Електрани на Северна Македонија.

Како дополнителни можности премиерот Заев ги наведе потенцијалите од приватизација на дел од акционерските друштва во доминантна или делумна државна сопственост и истакна дека во функција на развојот е предвидено до крајот на 2021 година да отпочне и да заврши постапката за продажба на Македонска пошта, исто како и на Македонски железници и Евро-композит, фабриката за шински возила „Колска”, Тутунски комбинат Прилеп, како и некои други компании во кои државата е сопственик или мнозински сопственик.

„Немаме намера да го продаваме акционерското друштво во државна сопственост Електрани на Северна Македонија. Тоа е компанија со големи и потенцијални ресурси која остварува профит од кој што еден дел се инвестира во заштитата на животната средина како што е проектот со инверторите, во филтрите во РЕК Битола, во нова опрема и механизација за сопствените потреби за работа на енергетските ресурси на компанијата”, нагласи Заев.

Заев додаде дека се очекува реализација на веќе најавените иницијативи како што е легализацијата на автомобилите со странски таблички од кои се очекува приход од околу 20-тина милиони евра, продажбата на земјоделското земјиште во сопственост на државата со гаранции дека земјиштето останува за земјоделско производство, ставањето во функција на финансискиот пазар на готовинските пари кај граѓаните кои ќе добијат можност да вложат и во државни обврзници, како и дополнителни финансиски придобивки за државата и за инвеститорите од декриминализацијата на канабисот.

Како уште една придобивка од сите овие иницијативи за поголема диверзификација на изворите на финансирање на државата се очекува и намалување на даночната евазија која се движи над 30%, како резултат на борбата против сивата економија со што се комплетираат мерките кои треба да го овозможат рестартирањето на македонската економија во пост-ковид периодот и за раст како дел од стратешки планови и позиционирање за да покажеме дека тоа што го направивме на политички план можеме да го поткрепиме и со растечка економија.

Поврзани вести

Димковски: Очекуваме непречен откуп и висока просечна откупна цена на тутунот

Влатко Зорба

„НЛБ Банка“: Остварен профит од 418,5 милиони денари, раст од 1,9 отсто во однос на периодот лани

СГИП: Масовно заминување на градежните работници во странство веднаш по отворањето на границите

Влатко Зорба