Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан, денес остварија средба со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кого го информираа за започнување на првата фаза на проектот Национална развојна стратегија 2021- 2041.
Првата фаза од креирањето на овој стратешки документ ќе биде финансирана од Британската амбасада во Скопје, со техничка поддршка од страна на Организацијата на Обединетите нации преку УНДП, а ќе резултира со методологија и оперативна структура која ќе се примени при развивањето на стратегијата, што ќе претставува втора фаза на проектот.
Методологијата ќе биде инспирирана од современи и иновативни модели на развој, адаптирани на домашниот контекст и базирани на широка и значајна консултација со сите засегната страни. Со тоа ќе се овозможи Националната развојна стратегија да отслика меѓугенерациски, родов, меѓутнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе. Во рамки на овој проект исто така ќе се идентификуваат и зајакнат врските помеѓу сите останати стратешки важни процеси кои се одвиваат во државата, првенствено интеграцијата во ЕУ и Агендата 2030 за одржлив развој, а ќе се развие и комуникациска стратегија и електронска платформа, за да се вклучат размислувањата на што повеќе клучни чинители во процесот.
Во воведното обраќање вицепремирот Битиќи истакна: „За ова заедничко патување се зборува во последните 25 години, време е да почнеме со лет. За нас консензусот и инклузивноста при креирањето на стратегијата се клучни. Оваа Национална развојна стратегија треба да продолжи да живее без разлика кој е на власт. Ова ќе биде наш патоказ за тоа каде и како ќе се развива земјата во следните 20 години, затоа важно е да постигнеме консензус, ова е значајно и во полза за државата и сите наши сограѓани.”
Амбасадорката Галовеј ги потенцираше бенефитите од креирањето на ваква долгорочна стратегија.
„Сите земји кои се впуштија во овој процес веќе ги гледаат придобивките од креирањето на план за развој кој овозможува консензус при носењето на одлуки и закони во насока на поддршка на долгорочната стратегија”, кажа Галовеј.
Постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак ја истакна заложбата на целото семејство на ОН во земјата да обезбеди техничка поддршка и експертиза за процесот, каде што ќе биде потребна. Постојаната претставничка на канцеларијата на УНДП Нарине Сахакјан ја потенцира комплексноста на самиот процес кој за да биде одржлив треба да почива на два важни принципи – да е донесен консензулно, да биде иновативен и флексибилен, како би можел да се прилагодува на предизвиците и промените кои ги носи новото време.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја поддржа иницијативата потврдувајќи ја нејзината значајност за благосостојбата на државата на долг рок. Тој ја даде заложбата на активна вклученост на Собранието во процесот и донесувањето на стратегијата, додавајќи: „Ова ќе биде јасно патување, врз јасни и прецизни основи со широка опфатност. Сите треба да се заложиме оваа долгорочна развојна стратегија да ги опфати сите карактеристики и потреби на земјата.”, заврши Џафери.
Во Управниот одбор на телото кое ќе го спроведува процесот, членуваат сите четири заменици претседатели на Влада, со што се покажува посветеноста на Владата кон овој важен процес, како и претставници на ОН и Британската амбасада, а составот ке се проширува и ќе вклучува и други чинители во нашата држава.
Во духот на инклузивност и консултација, кој треба да биде главна одлика на оваа методологија, во следниот период сите релевантни чинители ќе бидат поканети да бидат дел и да се вклучат во процесот, а дигиталната платформа која ќе биде воспоставена наскоро, ќе овозможи широко учество и можност и граѓаните да дадат свој придонес со своите идеи.
Ова е прва работна средба поврзана со процесот на информирање на клучните политички чинители, институции и организации, кои треба да бидат вклучени во процесот на креирање на долгорочната Национална развојна стратегија, а во кус временски период се планира да се реализираат средби и со Претседателот на државата, Стево Пендаровски, со Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, како и со низа други чинители како што се локалните власти, партиите, стопанските комори, синдикатите, професионалните асоцијации, граѓанските организации и други.