Ќе бидат потребни 1000 ракети и најмалку 2 децении за човештвото да го изгради својот прв град на Марс. Ова го тврди основачот на производителот на автомобили Tesla и вселенската компанија SpaceX – Елон Маск. Претприемачот повторно сподели детали и бројки за неговиот амбициозен план за колонизација на Црвената планета.
„Илјадници ракети ќе бидат потребни за да се изгради одржлив град на Марс“, рече Маск за време на „US Air Force Space Pitch Day“, цитиран од „Бизнис инсајдер“.
Според него, ќе бидат потребни 20 години за да се пренесат 1 милион тони товар, што ќе помогне да се изгради база на Марс. Во монетарна смисла, ќе бидат потребни вкупно 2 милијарди американски долари во оваа насока.
Пред повеќе од 2 години, Маск откри детали за неговата идеја за создавање живеалишта на планетата. Потоа тој објасни дека главната цел на која ќе работи SpaceX во наредните години е да се најде најсоодветен начин за изградба на основна инфраструктура за да се обезбеди се што е потребно за да се преживее на Марс.
Основачот на Tesla исто така прокоментира дека барем два товарни вселенски бродови на планетата би можеле да бидат испратени до 2022 година. Според него, првите луѓе би можеле да бидат испратени таму две години подоцна.
На повеќе наврати, Маск сподели и дека за да се дојде до колонизација на Црвената планета, билетите дотаму не треба да бидат толку високи. Според него, тие може да чинат не повеќе од 200.000 американски долари.