СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

„Алибаба“ ќе продава корпоративни обврзници за 5 милијарди долари

„Алибаба холдинг“ планира да собере најмалку 5 милијарди долари овој месец со продажба на корпоративни обврзници деноминирани во долари, пренесе Ројтерс.

Во зависност од одговорот на инвеститорите, приходот може да достигне осум милијарди долари, што овој кинески лидер во електронската трговија веројатно ќе ги искористи за покривање на општите трошоци на компанијата, изјави еден од неименуваните извори на британската агенција.

Собирањето средства ќе биде тест за расположението на инвеститорите кон „Алибаба“, во услови на засилен надзор на регулаторот врз деловното работење на оваа компанија и нејзината филијала подружница „Ант груп“.

Кинеските регулатори започнаа антимонополска истрага против „Алибаба“ и наложија на „Ант груп“ да ги смени практиките за позајмување и други операции за финансирање на потрошувачи, откако основачот на „Алибаба“, Џек Ма, ги критикуваше финансиските регулативи на земјата во октомври.

Последните денови светските медиуми се занимаваа со темата за отсуството на Ма во јавноста во изминатите два месеци, поттикнувајќи шпекулации на социјалните мрежи за тоа каде се наоѓа.

Планот за продажба на обврзниците, вклучувајќи ги и роковите, сè уште не е завршен и е предмет на промена, велат извори на Ројтерс, чиј идентитет не е откриен, бидејќи тие не се овластени да разговараат со медиумите.

Алибаба одби да коментира за ова прашање.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, му зададе удар на бизнисот на „Алибаба“ со одлуката да ги забрани трансакциите преку осум кинески софтверски апликации, вклучувајќи ја и апликацијата за мобилно плаќање „Алипеј“ на „Ант груп“.

„На инвеститорите ќе им треба некаков вид на јавно појавување од Џек Ма со цел да им се даде доверба дека обврзниците ќе бидат добро прифатени“, изјави за британската агенција азиски кредитен аналитичар од европска банка.

Со оглед на моменталната состојба на „Алибаба“, инвеститорите најверојатно ќе бараат висок принос на обврзници, смета тој, но додава дека „Алибаба“ е сепак компанија во која вреди да се инвестира на долг рок.

Акциите на „Алибаба“ котирани на берзата во Хонг Конг денес зајакнаа за цели 4,0 проценти, во споредба со падот на референтниот индекс за 0,4 проценти. Цената на акциите на овој кинески технолошки гигант падна за 5,6 проценти за време на претходните три трговски сесии.

Минатиот месец, „Алибаба“ објави дека ќе ја зголеми вредноста на програмата за купување сопствени акции на 10 милијарди долари од претходно планираните шест милијарди долари.

Поврзани вести

Берат сливи и заработуваат по 45 евра на ден

msp-admin

Колку чинат економските последици од коронавирусот?

msp-admin

Apple гради нова канцеларија во Тексас за 15.000 вработени

msp-admin