Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, се обрати на меѓународниот саем и конференција за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, вода и заштита на животната средина RENEXPO®, во организација на REECO International, а во соработка со амбасадата на Сојузна Република Германија.
Анѓушев на свеченото отворање на манифестацијата истакна дека Владата на Република Северна Македонија е посветена на унапредување на енергетското живееење во земјата, со особен фокус на зголемувањето на производството на електрична енергија од обновливи извори.
Законот за енергетика донесен во мај 2018 година и предлог Стратегијата за енергетика изработена од МАНУ и Прајсватерхаус Куперс (PwC), даваат големи можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, додаде вицепремиерот.
„Нашата држава не е богата со енергетски ресурси, нема гас, нема нафта, а за жал не изобилуваме ни со резерви на јаглен. Може во иднина да се отвори рудникот Живојно и тоа е се што ни е познато како резерва. Но тоа нема да овозможи континуирано производство во трите блока на РЕК Битола и може да обезбеди само лимитирано производство. Затоа мора да внимаваме како ќе ја обезбедиме електричната енергија во нашата држава. Јасно е дека немаме алтернативи и дека единствената алтернатива се обновливите извори на енергија, особено во делот на сонцето, ги имаме во изобилие. Во делот на малите хидро електрани, еден добар дел од нив е веќе изграден, точно 72 се пуштени во функција, а во градба се околу 30, но мали хидро електрани може да правиме колку што имаме реки и планини, а тука сме географски ограничени. Тука е и ХЕЦ Чебрен, како голем капацитет, за кој до крај на годината ќе се објави тендерската постапка во претквалификација“, изјави Анѓушев.