Apple продал повеќе паметни телефони во четвртиот квартал од 2020 година од која било друга компанија на пазарот, според компанијата за истражување на пазарот „Гартнер“, цитирана од „Си-Ен-Би-Си“.
Компанијата продала скоро 80 милиони единици во кварталот, пред сите други производители на паметни телефони, вклучително и Samsung. Ова е првпат Apple да биде на врвот на ранг-листата од 2016 година, открива извештајот.
Силниот празничен квартал на Apple и новите резултати на „Гартнер“ продолжуваат да сугерираат дека новата серија „iPhone 12“, која има 5G конекција и нов дизајн, е хит. Резултатот, исто така, сугерира дека Apple подобро се справил со ефектите од пандемијата на коронавирус отколку нејзините конкуренти.
Минатиот месец, кога IDC го објави својот квартален извештај, соопшти дека Apple продал 90,1 милиони телефони во истиот период. Според IDC, ова е најдобриот квартал во историјата на паметниот телефон, судејќи според продадените единици.
Apple не открива точно колку свои уреди има продадено. За четвртиот квартал од календарската 2020 година, компанијата објави дека приходите од продажба на iPhone достигнаа 65,6 милијарди долари или 17% повеќе од година порано. Бизнисот на Apple е сезонски, а кварталот што завршува кон крајот на декември е најсилен за него во однос на продажбата. Новите модели на iPhone дури и не беа во продажба за целиот квартал.
Во 2020 година, пазарот на паметни телефони се намали за 5,4% како резултат на кризата со коронавирус, се додава во извештајот. Во исто време, продажбата на Apple порасна за 3,3%. Samsung сè уште останува компанија која продава најмногу уреди во текот на целата година.
Најголем пад во рангирањето бележи Huawei, кој во 2020 година падна за 24,1%, иако и понатаму останува трет по големина производител на паметни телефони. Huawei се бори со санкциите на САД кои сериозно му го ограничија бизнисот со смартфони. Samsung не се соочува со вакви проблеми, но сепак во 2020 година неговата продажба се намали за 14,6% според „Гартнер“.