СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Централните банки ги забрзуваат своите напори за воспоставување дигитални валути

Централните банки ширум светот ги забрзуваат своите активности за воспоставување дигитални валути, со цел да одговорат на забрзаната дигитализација и појава на криптовалути, при што повеќето веќе извршуваат некои активности во оваа област.

Банката за меѓународни порамнувања (BIS) објави истражување на почетокот на оваа година според кое 86 проценти од анкетираните 65 централни банки велат дека прават одредена работа за развој на дигиталната валута на централната банка, без разлика дали станува збор за истражување, развој на концепт или развој на пилот проект. Скоро 15 проценти од нив веќе одат во насока на пилот проект.

Неодамна, Европската централна банка (ECB) објави дека, имајќи ги предвид забрзаната дигитализација, промените во начините на плаќање и појавата на крипто-валути, ја истражува можноста за издавање на дигиталното евро, како додаток за готовина и решение за плаќање обезбедено од приватниот сектор.

По јавната консултација што заврши во средината на јануари, ECB сега ќе разгледа дали да започне проект за дигитално евро во средината на годината. Таквиот проект ќе се осврне на клучните дизајн и технички проблеми и ќе и ги даде на ECB потребните алатки за да бидат подготвени за издавање дигитална валута откако ќе се донесе одлука.

Заменик гувернерот на централната банка во Италија, Пјеро Циполоне, во петокот за Си-Ен-Би-Си изјави дека зголемениот фокус на централните банки кон дигиталната валута произлегува од општото оддалечување од готовина, додавајќи дека тоа „може да ја наруши една од централните функции на централните банки“ – издавање пари.

„Во средина каде готовината се помалку се користи и од потрошувачите и од трговците додека целиот екосистем се движи кон дигитализација, ние сакаме да ја замениме функционалноста на готовина со нешто дигитално, но да бидеме концептуално што е можно поблиску до готовина“, рече Циполоне.

Беноа Куeрe, поранешен член на ECB и сега шеф на центарот за иновации во BIS, вели дека дигиталната валута на централните банки треба да се гледа како еден вид пари што централните банки ги издаваат за да се прилагодат на новата, модерна инфраструктура.

Сепак, намалувањето на употребата на готовина не е единствената причина зошто централните банки се движат во насока на дигиталната валута.

Грант Вилсон, директор на консултантска фирма Exante Data за азиско-пацифичкиот регион, за Си-Ен-Би-Си изјави дека голем дел од истражувањето за дигиталните пари во централните банки се интензивира откако Facebook се приклучи на проектот Libra, за кој рече дека има потенцијал да предизвика системски импликации врз финансискиот систем . Тој верува дека во тој момент, централните банкари почнале да сфаќаат дека се во опасност и заклучиле „ако не можеме да ги победиме, ајде да им се придружиме“.

Во спротивно, дигиталните валути на централните банки би имале корист од истата технологија што ја користат приватните криптовалути, овозможувајќи брзи плаќања, побрзи порамнувања и пониски трансакциски трошоци, особено при вршење на прекугранични плаќања.

Исто така, експертите веруваат дека тие ќе обезбедат финансиска вклученост, продирајќи во делови од населението што немаат сметки во банка. Но, за разлика од приватните криптовалути, дигиталните пари на централните банки ќе бидат централизирани и секоја единица дигитална валута ќе има иста вредност како монетарната единица.

Засега нема консензус за тоа како би се издавале дигиталните пари на централната банка. Истражени се две форми – големопродажба (што ќе ги издаваат само финансиски институции за нивната финансиска инфраструктура) или малопродажба, во кои дигиталната валута ќе биде достапна за пошироката јавност. Сепак, одлуката за ова сè уште не е на дневен ред, бидејќи досега сè е само во рана фаза на разгледување на техничките барања за валутите за тие воопшто да станат оперативни.

Поврзани вести

Вкупно 309.337 граѓани користеле домашна платежна картичка, реализиран промет од 26,5 милиони евра

msp-admin

Железо од Макстил за уметнички скулптури – донација од материјали и апарати за студентите на Факултетот за ликовни уметности

msp-admin

Русија и понуди на Финска технологија за производство на Спутник V со цел влез на ЕУ пазарот

Влатко Зорба