СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Дигитален долар: Дали Америка ќе добие нова валута?

Дигиталниот долар може да биде добро решение за Американците кои немаат пристап до банкарски сметки или системи за лесно плаќање, изјави Џенет Јелен, американската министерка за финансии.

Јелен изјави дека администрацијата на претседателот Џо Бајден го поддржува истражувањето за одржливоста на дигиталниот долар, што претставува промена во однос на нејзиниот претходник – Стивен Мнучин.

„Логично е централните банки да размислуваат за издавање суверени дигитални валути“, рече Џенет Јелен на виртуелната конференција организирана од „Њујорк Тајмс“, пренесе „Блумберг“.

Објасни дека дигиталната верзија на доларот може да помогне во надминување на пречките во вклучувањето на домаќинства со пониски примања во финансискиот систем.

„Премногу Американци немаат пристап до системи за лесно плаќање и банкарски сметки, и тоа е она што дигиталниот долар, како дигитална валута на централната банка, може да помогне. Тоа би довело до побрзи, побезбедни и пониски плаќања, што се важни цели“, објасни Јелен.

Голем број централни банки, вклучувајќи ги и Федералните резерви на САД, спроведуваат истражување за тоа како може да се користи дигиталната верзија на нивните валути.

Претставници на централната банка гледаат можности, како и ризици, па затоа идејата за дигитални валути се спроведува бавно. Досега само Кина воведе пилот програма за тестирање на дигиталниот јуан.

„Ова е најголемиот чекор на американскиот министер за финансии кон поддршка на дигиталниот долар. Тоа е поддршка за Федералните резерви да учествуваат во истражување на дигитални валути, што досега не сме го виделе“, рече Џош Липски, директор на Геоекономскиот центар на Атлантскиот совет.

Федералните резерви на САД минатата година објавија дека вработените во Федералните резерви во Бостон спроведуваат истражување, заедно со МИТ (Технолошки институт во Масачусетс), во кое нивната цел е да формираат и тестираат хипотетички дигитален долар.

Идејата за користење дигитална технологија за намалување на трошоците и олеснување на пристапот до трансфер на пари беше поддржана и од претседателот на банкарскиот комитет на американскиот Сенат, Шерод Браун, демократ од Охајо.

Џером Пауел, претседател на Федералните резерви, сепак изјави дека е поважно Америка да биде прецизна отколку прва на тој фронт.

Јелен додаде дека официјалните лица мора прво да решат голем број прашања, вклучително и како дигиталните валути можат да влијаат на традиционалните банкарски депозити, финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите и недозволените трансакции.

„Постојат многу сомнежи кои треба да се разгледаат, но на ова прашање апсолутно вреди да се обрне внимание“, рече Јелен.

Нејзините претходници не беа расположени за дигитална валута, па Стивен Мнучин изјави во 2018 година дека Федералните резерви и Министерството за финансии разгледуваат аргументи за и против дигиталниот долар, но дека сметаат дека нема потреба од тоа во моментот .

Поврзани вести

Бесими за вработувањата по етнички клуч: Ако може во Гугл извршен директор да биде Индиец…

msp-admin

Ситигруп не успеа да ги врати по грешка испратените 500 милиони долари

Влатко Зорба

Фолксваген повлекува 38.000 автомобили поради технички проблеми

Никола Поповски