СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ЕБОР ги зголеми своите инвестиции на рекордни 11 милијарди евра во 2020 година

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денес објави дека ги зголемила инвестициите за 10 проценти во 2020 година за да помогне во ублажување на тешките економски последици од корона-кризата, но учеството на зелените инвестиции е смалено.

Банката инвестираше рекордни 11 милијарди евра во 2020 година, финансирајќи 411 проекти. Во 2019 година тие финансираа 452 проекти во кои инвестираа 10,1 милијарди евра.

Најголемата сума е инвестирана минатата година во проекти во регионот на Источна Европа и Кавказ, нешто повеќе од две милијарди евра, со што се зголеми финансирањето за 6,7 проценти.

Тие инвестираа 1,47 милијарди евра во регионот на Централна Европа и балтичките држави, со што инвестициите се зголемени за 4,2 проценти.

Инвестициите повторно беа концентрирани во приватниот сектор, сочинувајќи 72 проценти од вкупните инвестиции. Во кризните мерки, банката се фокусираше на поддршка на краткорочна ликвидност и обртни средства на „одржливи компании“, се вели во соопштението.

„Нашите инвестиции беа значително повисоки отколку во претходната година и исто така обезбедивме поддршка во владините мерки за да му помогнеме на приватниот сектор да ја надмине кризата“, рече претседателот на ЕБОР, Одил Рено-Басо.

Поради кризата со короната, уделот на „зелените“ инвестиции беше нагло намален во 2020 година, од 46 на 29 проценти, но банката во новата петгодишна стратешка рамка објави дека треба да сочинува најголем дел од своите инвестиции до 2025 година, се вели во соопштението.

Како додаток на сопствените пари, банката директно мобилизираше 1,2 милијарди евра од ко-инвеститори „во период во кој светската економија забележа најголем пад од Големата депресија во 1930-тите“.

Пандемијата, исто така, ја продлабочи нееднаквоста, особено кај жените, младите и другите социјални групи, предупредуваат од ЕБОР, затоа тие повторно вложуваат засилени напори за родова и економска вклученост.

„Оваа работа резултираше со 24 проценти зголемување на бројот на проекти за инклузија, со вкупна инвестиција од четири милијарди евра и рекорден број родови активности“, се вели во соопштението.

Поврзани вести

Безос продал акции вредни 3,4 милијарди долари пред да избие пандемијата

msp-admin

Свечено отворање на новата книжарница на „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“

msp-admin

Visa и Mastercard се повлекуваат од Libra?

msp-admin