Соединетите држави повеќе не се земја со која Европската унија најмногу тргува. Сега тоа е Кина, покажаа податоците објавени оваа недела.
Минатата година увозот од Кина на Стариот континент се зголеми за 5,6 проценти, а извозот на ЕУ во најнаселената земја во светот се зголеми за 2,2 проценти.
Од друга страна, увозот од САД се намали за 13,2 проценти, а извозот во оваа земја е намален за 8,2 проценти.
Трговијата меѓу ЕУ и Кина во 2020 година изнесува 586 милијарди евра, што е за 31 милијарда евра повеќе од трговијата меѓу ЕУ и САД.
Кинеската економија минатата година порасна за 2,3 проценти, додека производството во САД падна за 3,5 проценти. Ова и овозможи на Кина како втора најголема економија во светот да го зајакне своето влијание.
Даниел Грос од Центарот за студии за европска политика рече дека не е изненаден од бројките. Но, тој верува дека односите меѓу ЕУ и САД остануваат многу силни.
Тој потсети дека Европската унија повеќе извезува во САД отколку во Кина, а со тоа се создаваат многу работни места. Важно е да се нагласи дека податоците не се однесуваат на трансатлантската трговија со услуги, што изнесува 494 милијарди евра годишно.
Грос посочи дека има повеќе американски инвестиции во ЕУ и обратно отколку што е случај во односите меѓу ЕУ и Кина.
Сепак, Брисел се обидува да ги продлабочи своите економски односи со Кина, иако ја доживува како стратешки конкурент и системски ривал. Европејците се загрижени за трговијата и технолошките практики во Пекинг, но минатата година потпишаа договор за инвестиција со Кина.
Европската комисија уверува дека тие поставиле јасни обврски кон кинеските јавни претпријатија, кои честопати се субвенционираат многу од државата. Покрај тоа, тие уверуваат дека поставиле обврски поврзани со употребата на технологијата.
Поради претходно споменатото, постои можност администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден да биде потешко да ги подобри односите со ЕУ, пренесува Си-Ен-Ен.