Фолксваген е последниот во низата производители на автомобили кои сè повеќе гледаат кон небото и ја истражуваат можноста за развој на лично летечко превозно средство.
Најголемиот европски производител на автомобили во соопштението за печатот во вторникот сподели дека по развојот на технологии за самостојно управување на автомобили, следниот чекор може да биде т.н. вертикална подвижност.
„Во Кина, ние ги проучуваме потенцијалните концепти и партнери за да ја утврдиме можноста за индустријализација на овој пристап“, напиша Фолксваген.
Зошто во Кина? Бидејќи, според Си-ен-ен, тоа веќе е најголем пазар на германскиот гигант.
Фолксваген ги објави вестите во време кога работи напорно за да ја електрифицира својата гама на возила. Само минатата година, произведе три пати повеќе електрични возила од претходната, а нагло се зголеми и продажбата на нивните хибридни модели, на 190.500 примероци, што е пораст од 175%.
Сепак, како што објави Си-ен-ен, вертикалната подвижност претставува и низа предизвици за производителите на автомобили. Најголемиот проблем е безбедноста, бидејќи овие превозни средства заедно со беспилотните летала и авионите дополнително би го оптеретиле воздушниот простор, а не можат да се занемарат и сите законски регулативи што треба да ги усвојат државите и за кои веројатно би биле потребни неколку години.
Покрај германскиот гигант, Убер и Хјундаи, исто така, ги претставија своите планови за развој на летечко превозно средство на саемот за електроника на потрошувачите CES во Лас Вегас минатиот месец, промовирајќи ги своите летачки такси.
Компаниите кои се занимаваат со оваа технологија се и Дајмлер, Порше и Тојота.