СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Глобален дигитален данок може да биде воведен уште ова лето

Технолошките компании во Силиконската долина се повеќе се соочуваат со нови глобални закони за даноци оваа година, откако промената во Белата куќа го поттикна оптимизмот кај европските официјални лица дека наскоро ќе се постигне договор.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц за американската телевизија CNBC изјави дека сега е „многу веројатно“ да се постигне договор за дигиталниот данок пред летниот рок на ниво на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

„Јас сум навистина убеден дека ќе постигнеме договор“, рече Шолц, еден ден по телефонскиот разговор со новата министерка за финансии на САД, Џенет Јелен.

Таа ги поддржа напорите за воведување на нови наметнувања на обврски на глобално ниво на технолошките гиганти во минатонеделното обраќање во Сенатот, за време на гласањето за нејзиното назначување, забележува CNBC.

Исто така, вети дека Соединетите држави активно ќе учествуваат со другите земји на ОЕЦД во преговорите, од кои претходната администрација одлучи да се откаже минатото лето.

„Многу е веројатно дека ќе го постигнеме успехот за кој напорно работиме. Имав впечаток дека новата администрација ја разбира потребата да се постигне договор во оваа област и ќе работи заедно со сите нас на решенија, што мислам дека е голем, голем успех. Сите знаеме дека имаме строг рок, мора да се договориме ова лето“, рече Шолц.

Германскиот министер го пофали својот нов американски колега, со кого во средата оствари телефонски разговор. Тој рече дека му се чини дека „прагматичниот пристап“ во американско-европските односи се враќа, додавајќи дека има „добри шанси за ново трансатлантско партнерство“.

ОЕЦД сака да постигне меѓународен договор за тоа како да се оданочуваат технолошките гиганти до средината на 2021 година. Поради недостаток на консензус на ниво на ОЕЦД, некои европски земји воведоа свои дигитални даноци, вклучувајќи ги Шпанија, Италија и Франција.

Доколку преговорите на ОЕЦД повторно не успеат, Европската комисија се очекува да предложи дигитален данок што ќе се применува на ниво на целата Европска унија и кој треба едногласно да ги одобри сите 27 земји-членки, што се покажа тешко во минатото, според американската телевизија.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, исто така, ја поздрави поддршката на администрацијата на претседателот Џо Бајден за предлогот за воспоставување глобални регулативи за дигиталните даноци. Ле Мер на панелот на Светскиот економски форум во Давос во понеделникот рече дека верува дека мултилатералниот договор може да стапи на сила уште оваа пролет.

Поврзани вести

Кинеските конкуренти на Tesla ја зголемија продажбата во 2020 година

Влатко Зорба

Со медијација до брзо и успешно решавање на деловните спорови

msp-admin

iPhone 12 доминира на 5G пазарот во САД

Влатко Зорба