Главниот извршен директор на Ериксон, Борје Екхолм, изврши притисок врз шведски министер да ја поништи забраната за вклучување на „Хуавеи“ и ЗТЕ Корпорација во развој на 5Г во земјата, објави весникот „Дагенс Нихетер“.
Екхолм лобирал кај министерката за надворешна трговија, Ана Халберг преку серија телефонски пораки за да ја разгледа наредбата на Шведската управа за пошти и телекомуникации (ПТС) според која до јануари 2025 година операторите треба да ги отстранат кинеските компании од постојната инфраструктура што се користи за 5Г фреквенции, објави шведскиот весник.
Портпаролот на Ериксон за Блумберг потврди дека Екхолм бил во контакт со министерката.
Халберг за ДН изјави дека немала никаков контакт со ПТС и дека никогаш нема да пристапи како министер да влијае на одлуките на одделни власти. Таа додаде дека во ниту еден момент немала средба со Екхолм.
Изјавите следат по коментарите на Џејкоб Валенберг, заменик претседател на бордот на директори на Ериксон, кој рече дека „запирањето на „Хуавеи“ дефинитивно не е добро“, според интервјуто во истиот весник од 25 декември.
Забраната се засноваше на проценка на шведските полициски и воени агенции, според која влијанието на кинеската влада врз приватниот сектор „носи силни стимулации за приватните компании да дејствуваат во согласност со државните цели и националните стратегии на комунистичката партија“.