СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Направил штета од 3 милијарди долари, му ја намалиле платата за 36%

Американската инвестициска банка „Голдман Сакс“ ја намали годишната плата на извршниот директор Дејвид Соломон за 10 милиони долари или 36%, како казна за улогата на банката во еден од најголемите финансиски скандали во светот, во кој се вклучени малезискиот државен фонд за инвестиции, познат како 1MDB.

Инвестициската банка Голдман Сакс се согласи да плати казна од скоро 3 милијарди долари откако се изјасни за виновна за обвиненијата за кршење на законите за борба против корупцијата на САД во масовниот скандал со малезискиот инвестициски фонд.

Пакетот за компензација на Соломон беше намален на 17,5 милиони долари во 2020 година, во споредба со 27,5 милиони долари што ги доби во 2019 година, според последниот американски извештај.

Во октомври, банката објави дека Соломон ќе се соочи со намалување на платите, заедно со другите директори, вклучително и директорот на финансиите Стивен Шер и извршниот директор Џон Валдрон, во светло на наодите од истрагата.

Платата на Шер се намали на 15,5 милиони од 22,5 милиони во 2019 година. Платата на Валдрон беше намалена на 18,5 милиони, од 24,5 милиони во 2019 година. Вкупната плата на тројцата директори за 2020 година беше намалена за 24 милиони како одговор на скандалот.

„Иако никој од нив не бил вклучен или бил свесен за вклученоста на фирмата во каква било незаконска активност во времето кога фирмата договорила трансакции со обврзници од 1MDB, Одборот ја смета аферата 1MDB како институционален неуспех и не е во согласност со големите очекувања на фирмата“, соопшти банката.

Скандалот се однесува на продажба на обврзници што „Голдман Сакс“ ги организираше и потпиша за 1MDB, од кои американското Министерство за правда тврди дека биле украдени 4,5 милијарди долари.

Кинеско-малезискиот финансиер Лов Таек Џо, попознат како Џо Лов, се смета за еден од главните организатори на измамата за 1MDB. И покрај тоа што никогаш немал официјална позиција во фондот, тој, наводно, играл клучна улога во активностите. Министерството за правда на САД го обвини малезискиот финансиер за заговор за пренасочување пари од фондот на банкарските сметки на поранешниот малезиски премиер, Наџиб Разак.

Поврзани вести

Котација на државни обврзници во вредност од 900 милиони денари

msp-admin

3 лекции кои инвеститорите ги научија во 2020 година

Влатко Зорба

Земја во која економијата е имуна на последиците од коронавирусот

Влатко Зорба