Можеби е тешко да се поверува, но мала европска земја привлече повеќе богатство од јапонскиот БДП. Постојат регистрирани оф-шор компании во Луксембург кои управуваат со средства во вредност од најмалку 6 трилиони евра, според меѓународната истрага наречена „ОпенЛукс“, цитирана од Форбс.
Поради своите даночни предности и нетранспарентни регистри на имот, Луксембург е привлечен за голем број спортисти, милијардери, уметници, политичари, кралски семејства и познати личности, вклучувајќи ги Тајгер Вудс, Шакира, Анџелина Џоли и Бред Пит, па дури и кралот на Бахреин.
Повеќето од нив поседуваат компании кои постојат само на хартија, преку кои поседуваат недвижнини, приватни авиони, јахти или други инвестиции. Практиката е легална и има дополнителни предности на дискреција и помал данок на добивка. Во Луксембург постојат 55.000 офшор компании кои управуваат со средства во вредност од најмалку 6 трилиони евра.
Според француското издание „Ле Монд“, најмалку 266 милијардери управуваат со своето богатство од Луксембург – скоро колку што е бројот на милијардери кои живеат во Европската унија.
Во 2019 година, на пример, индонезискиот милијардер Суканто Таното користеше компанија регистрирана во Луксембург за да купи зграда од 350 милиони евра во Минхен. Името на милијардерот се крие зад компании регистрирани во Луксембург, Кајманските острови и Сингапур.
Други богати луѓе, вклучително и зетот на поранешниот туниски диктатор, Бен Али и деца на руски олигарси, користеле луксембуршки компании за да купат француски замоци, вили и станови во Париз, според базата на податоци на „ОпенЛукс“.
„Ле Монд“ проценува дека има повеќе компании регистрирани во војводството отколку што има жители, а една третина од нив се во сопственост на луѓе кои не се од Луксембург. Најчесто сопствениците се Французи, пишува весникот.
Скоро 15.000 богати француски граѓани поседуваат компании во Луксембург, кои заедно чинат најмалку 100 милијарди евра, или 4% од францускиот БДП.
„Како Луксембург да е сопственик на мали парчиња Франција“, пишува весникот.
Тоа не е сè – не е тајна дека стотици меѓународни гиганти како Амазон, ЛВМХ, Керинг, Алтис, Фајзер имаат финансиски подружници во земјата. Во 2017 година стана јасно дека Луксембург ја израдува Амазон со незаконски даночни олеснувања во вредност од околу 250 милиони евра. Според правилата за државна помош на ЕУ, ова е незаконско, бидејќи му овозможи на Амазон да плаќа значително помалку даноци од другите компании.
Некои влади во Велика Британија и ЕУ сега бараат технолошките компании да плаќаат повеќе даноци во нивните земји.
Се разбира, Луксембург негира дека е даночен рај.
„Луксембург не обезбедува поволен даночен режим за мултинационални компании или технолошки компании. Тие мора да ги следат истите правила и да бидат во согласност со законот како и секоја друга компанија во Луксембург“, се вели во соопштението на владата.
Ова не е прва истрага во која Луксембург се смета за даночен рај за меѓународните корпорации и милијардери. Истрагата за „ЛуксЛик“ е објавена пред 7 години, заснована врз голем број документи што протекоа.