СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ОРМ ќе предложи нови мерки за бизнисот заради намалување на штетите од кризата

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) спроведува анкетно истражување кое треба да даде попрецизна слика за обемот и последиците од намалената економска активност во земјата предизвикана од кризата со пандемијата од Ковид-19.

Истражувањето се спроведува по електронски пат, преку анкетен прашалник кој е доставен до членките на ОРМ, а истиот е достапен и за останатите компании преку линкот: https://www.surveymonkey.com/r/org-rabotodavaci. Целта е што поголем број микро, мали, средни и големи компании од сите сектори да дадат информации за нивна тековна состојба и мерките што ги преземаат за да ги ублажат проблемите со кои се соочуваат во актуелната криза, како и за видот на поддршка што тие ја очекуваат од Владата.

Врз основа на повратните информации што ќе се добијат преку ова истражување, Организацијата на работодавачи на Македонија ќе ги идентификува итните потреби на бизнисот и соодветно ќе ги преточи во предлози до Владата кои треба да послужат при креирање на новите економски мерки за справување со актуелната криза.

„Нашето предвидување, кое се темели на досегашните сознанија и комуникацијата што ја имаме со членките, е дека скоро сите компании ќе претрпат одредена штета од кризата предизвикана од Ковид-19. Кај некои тоа ќе биде како резултат на воведените ограничувања и забрани од Владата кои најмногу ги погодија фирмите од услужните дејности, кај други заради отсуството од работа на голем дел од работниците, кај некои поради застојот во снабдувањето со репроматеријали, а кај повеќето заради намалената потрошувачка. Сепак се надеваме дека падот на севкупната економија, изразено преку БДП по жител, ќе биде помал во споредба со поразвиените земји, поради фактот што и пред кризата немавме некои високи стапки на раст и тој се темелеше на растот на индустријата и извозот, а не на огромни инвестициски вложувања во инфраструктурата“, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров. „Очекуваме дека наскоро пандемијата ќе биде ставена под контрола и дека Владата час поскоро ќе почне со олабавување на ограничувањата, со што постепено ќе се нормализира животот, а во тие рамки и економските текови. Ние како организација сме подготвени и понатаму активно да учествуваме во креирање на плановите и мерките што ќе следуваат во наредниот период“, потенцира Димитров.

Инаку, Организацијата на работодавачи на Македонија уште од почетокот на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, преку учество во националниот Економско-социјален совет, националниот Совет за безбедност и здравје при работа и други тела, поднесе свои предлог мерки и активности до државните институции, со цел полесно надминување на вонредната ситуација. Значителен дел од предложените мерки од ОРМ беа прифатени од страна на Владата и беа преточени во активни мерки и уредби. Такви се на пример мерките кои се однесуваат на примената на Законот за работни односи во делот на исплатата на платите на работниците во услови кога на компаниите им е оневозможено да работат и да ја обавуваат својата дејност, како и мерките преточени во уредби кои се однесуваат на финансиската поддршка за компаниите и работодавачите од приватниот сектор кои се соочуваат со пад на приходите, а кои ќе овозможат исплата на плати и придонеси за работниците и ќе ја спречат загубата на работни места.

Истовремено, ОРМ редовно на својата интернет-страница www.orm.org.mk ги објавува сите информации, мерки и уредби на надлежните институции, а нуди и дополнителна асистенција и насоки за сите компании за тоа како да се користат мерките, со цел полесно и со помали последици да се надмине оваа криза.

Активностите на Организацијата на работодавачи на Македонија и анкетата за претпријатијата се поддржани од Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Поврзани вести

Facebook го купи студиото за игри BigBox VR

Stefanija Kuzmanovska

Што поевтини, а што поскапе во септември?

msp-admin

Audi здружува сили со FAW за производство на електрични автомобили

Влатко Зорба