Според истражувањето на Банката на Америка, за прв пат откако Ковид-19 го сврте светот наопаку, пандемијата веќе не е на врвот на листата со најголеми ризици врз акциите, туку инфлацијата. Во истражувањето спроведено на 220 инвеститори кои управуваа со вкупно 630 милијарди средства во март, 37 проценти беа загрижени за инфлацијата што може да „удри“ до крајот на епидемијата, а трендовите на пазарите на обврзници веќе предупредуваат на вакво сценарио.
На второ место, со 35 проценти, е можната прекумерна реакција на Федералните резерви кон економското закрепнување и падот на набавките на обврзниците, а на трето место (15 проценти) е пандемијата.
За прв пат од февруари 2020 година, главната грижа не е Ковид-19 и сè што оди со него. Во истражувањето, инвеститорите наведуваа можни повисоки даноци и построги регулативи, како и ризик од балон на берзата, во многу помала мера, пишува „Seebiz“.
Неодамна усвоениот нов пакет фискални стимулации вреден 1,9 трилиони американски долари и забрзувањето на програмите за вакцинација ја поддржуваат ротацијата на капиталот од технолошкиот сектор, кој минатата година беше лидер по растот на пазарот за време на „локдаунот“, во циклични сектори како финансии, индустрија и енергија, кои би требало побрзо да закрепнат благодарение на мерките за поттикнување и нормализирање на економската активност.
Сепак, забрзувањето на економското закрепнување и огромниот фискален и монетарн стимул можат да ја зголемат инфлацијата.
Сè што се случува на пазарот на обврзници оваа година (паѓање на цените на обврзниците и, следствено, повисоки потребни приноси) ги загрижува инвеститорите дури и повеќе од епидемијата.