Амазон, Епл, Фејсбук и Гугл ја злоупотребуваат својата монополска позиција, заклучија членовите на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, барајќи преструктуирање на технолошките гиганти.
Заклучокот е објавен во извештај на 449 страници, кој е резултат на регулаторната истрага на Судскиот комитет и ги вклучува записниците за бурните сослушувања на извршните директори на четирите најголеми светски технолошки компании.
„Едноставно кажано, некогашните озлогласени компании, аутсајдерските млади иновативни компании кои го доведоа во прашање статус кво, прераснаа во монополи што последен пат ги видовме во ерата на нафтените барони и железничките тајкуни“, се вели во извештајот
„Овие компании обично ги диктираат условите на пазарот и истовремено се натпреваруваат во него – таквата позиција им овозможува да пропишат збир на правила на другите додека играат на свој начин или да создадат свои, речиси приватни квази-регулативи, во кои тие си даваат отчет пред себе и никој друг“, се додава.
Нивните препораки вклучуваат структурно раздвојување на компаниите за да не одат рака под рака едни со други и на тој начин потенцијално ја задушуваат конкуренцијата. Предлагаат и пречки што ќе им отежнат да купуваат почетни компании и да ги зајакнат федералните регулаторни агенции.
Исто така беа побарани темелни измени и дополнувања на законот за пазарна конкуренција.
Предлозите беа изнесени од демократите и мора да бидат одобрени од двете страни за да влезат во постапката за усвојување.
Амазон, Гугл, Фејсбук и Епл се меѓу компаниите со најголема пазарна капитализација во светот. Вкупно вредат повеќе од 5.000 милијарди долари, потсетува ДПА.