СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

СТО ја зголеми проценката за растот на светската трговија, сè зависи од вакцинацијата

Светската трговска организација (СТО) ја зголеми проценката за растот на светската трговија со стоки оваа година, но сепак предупреди на ризиците што ги носи недоволното производство и дистрибуција на вакцини против коронавирус.
Трговијата треба да порасне за 8,0 проценти оваа година, по падот од 5,3 проценти во 2020 година, проценува СТО.

Во октомври, организацијата предвиде дека трговијата ќе порасне за 7,2 проценти во 2021 година, по падот од 9,2 проценти во 2020 година.

За 2022 година тие предвидуваат раст на трговијата од 4,0 проценти, покажува извештајот објавен во средата.

Главниот двигател на побарувачката за стоки оваа година ќе биде Северна Америка, со проценет раст на увозот од 11,4 проценти благодарение на големите фискални инјекции на раст што треба да го зголемат растот на активноста во другите економии преку трговијата.

Следат Европа и Јужна Америка со проценет раст на увозот годинава од околу осум проценти, проценува СТО.

Побарувачката за увоз во голема мерка ќе ја задоволи Азија, со проценета стапка на раст на извозот од 8,4 проценти оваа година. СТО предвидува скоро иста стапка на раст на извозот во Европа, додека испораките од Северна Америка треба да се зголемат за 7,7 проценти.

На краток рок, преовладуваат ризиците што можат да го попречат растот на трговијата и вклучуваат недоволно производство и дистрибуција на вакцини и појава на нови видови на Ковид-19, отпорни на вакцини.

Забрзаното производство и дистрибуција на вакцини ќе им овозможи на владите да го олеснат затворањето на краток рок, што може да ја зголеми стапката на раст на трговијата за 2,5 процентни поени и да се врати на трендот пред пандемијата во четвртиот квартал од оваа година.

Таквиот исход ќе ја зголеми стапката на раст на глобалниот БДП за еден процентен поен, посочува СТО.

Во неповолно сценарио, производството на вакцини ќе заостане зад побарувачката и ќе се појават нови вируси отпорни на вакцини, што ќе ја намали стапката на раст на трговијата за скоро два процентни поени и стапката на раст на светската економија за еден процентен поен, предупредуваат тие.

Вакцините му дадоа на светот шанса да ја запре болеста и да ја стартува економијата, нагласи генералниот директор на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала, на прес-конференција во средата.

„Оваа можност може да се пропушти ако голем број земји и луѓе немаат еднаков пристап до вакцините“, предупреди лидерот на СТО, кој има намера да разговара за начините за зголемување на производството на вакцини со шефовите на компаниите.

На почетокот на март, богатите членки на СТО, вклучувајќи ги Соединетите Држави, Европската унија и Швајцарија, повторно го блокираа барањето на Индија и Јужна Африка да ги суспендираат патентите на вакцините против Ковид-19 за да се овозможи масовно производство и снабдување на сиромашните земји.

Западните земји тврдат дека заштитата на правата на интелектуална сопственост ги стимулира истражувањата и иновациите и дека суспендирањето на овие права нема да резултира во значително подобро снабдување со вакцини.

Поборниците за суспендирање на патентите потсетуваат, сепак, дека истражувањето во голема мерка беше финансирано од граѓани преку обемна државна поддршка за производителите.

Поврзани вести

Во владата ќе се потпише договор за закуп на земјиште со турската компанија „Пурпласт“

msp-admin

Кој стои зад најголемата продажба на акции во историјата

msp-admin

Мајкрософт ја продолжи работата од дома најрано до јули 2021 година

msp-admin