СТАНДАРД life
КРИПТОВАЛУТИ

Mastercard ќе дозволи плаќања во криптовалути

Една од најголемите компании за кредитни картички, Mastercard, годинава ќе започне да им овозможува на клиентите да вршат плаќања во одредени криптовалути на својата мрежа, со што ќе стане уште една голема корпорација која прифаќа дигитални пари.

Најавувајќи го потегот на својот блог во средата, компанијата истакна дека не сите постоечки криптовалути ќе бидат поддржани на нејзината мрежа. Иако не прецизираше кои валути ќе ги поддржува, Mastercard забележа дека не сите дигитални средства за плаќање ги исполнуваат бараните критериуми.

„Очекуваме потрошувачите и екосистемот како целина да почнат да се собираат околу крипто-средствата кои нудат сигурност и безбедност“, рече извршниот потпретседател на MasterCard, Раџ Дамодаран, цитиран од „Русија денес“.

Компанијата соопшти дека ќе бара криптовалути кои ја почитуваат заштитата на потрошувачите, ќе ги следат постапките за усогласеност и „ќе ја понудат стабилноста од која луѓето имаат потреба за да трошат, а не да инвестираат“.

Компанијата се надева дека додавањето на криптовалути во нејзината мрежа ќе означи „целосно нов начин на плаќање“ и ќе создаде повеќе можности и за клиентите и за трговците, што ќе им овозможи на повеќе компании да се отворат кон нови клиенти.

Клучната промена е што тековните крипто партнери на Mastercard, кои вклучуваат Wirex и BitPay, мора да ги претворат дигиталните средства во традиционални валути пред да направат трансакција. Наместо тоа, компанијата сега сака директно да ги поддржува дигиталните средства за плаќање.

„Оваа промена исто така ќе ја намали неефикасноста, дозволувајќи им на потрошувачите и трговците да избегнуваат конверзија помеѓу крипто и традиционалните валути за да купуваат“, објави Mastercard.

Компанијата го објави ова само неколку дена откако Tesla објави дека купила 1,5 милијарди долари биткоини и вети дека ќе ги прифати како начин на плаќање.

Претходно овој месец, шефот на Tesla, Елон Маск предвиде дека биткоинот наскоро може да биде широко прифатен „од конвенционалните финансиери“.

Криптовалутите, особено биткоинот и етерeумот, започнаа да добиваат повеќе институционална поддршка минатата година, предизвикувајќи масовен скок.

Платежните компании Square и PayPal неодамна поддржаа криптовалути, заедно со влијателните шефови на хеџ фондовите како Пол Тудор Џонс и Стен Дракенмилер.

Поврзани вести

WallStreetBets ја зголемија цената на XRP

Влатко Зорба

„Блумберг“ објави нови прогнози: Биткоин оди на 400.000 долари?

Влатко Зорба

Њујорк ќе биде следниот Bitcoin центар?

Влатко Зорба