СТАНДАРД life
КРИПТОВАЛУТИ

Нигерија забранува тргување со криптовалути, Кенија пак гледа спас во биткоинот

Во приближно исто време, две африкански земји се најдоа во центарот на вниманието поради биткоинот. Една од нив, Нигерија, поточно Централната банка на Нигерија (CBN), забрани тргување со криптовалути, вклучително и биткоин, додека другата земја, Кенија, го гледа својот спас во таа криптовалута.

Нигерија е втор по големина пазар на биткоин по САД и се претпоставува дека Нигеријците „тргувале“ со околу 600 милиони биткоин во последните неколку години и дека околу 4 милијарди средства во таа земја се всушност во криптовалути.

Минатата недела, CBN им нареди на сите комерцијални банки и другите финансиски институции во Нигерија да ги затворат сметките вклучени во трансакции со берзи за криптовалути, предизвикувајќи големи проблеми за многу Нигеријци. CBN, исто така побара од банките да идентификуваат „лица и субјекти“ кои управуваат со криптовалути во рамките на нивните системи.

Ова не е прв пат CBN да се обиде да го стави под контрола тргувањето со криптовалути. Тие го испробаа истото во 2017 година, но тогаш нивните обиди не го сопреа тргувањето и не и наштетија на популарноста на криптовалутите во оваа западноафриканска земја. Покрај тоа, оттогаш, обемот на тргување со биткоин само во Нигерија се зголеми за 19 проценти годишно.

И додека CBN забранува криптовалути, гувернерот на Централната банка во Кенија, Патрик Нгуги Нороге, спасот го гледа во биткоинот. Кенискиот гувернер неодамна рече дека фискалните и монетарните предизвици во Кенија го попречуваат развојот и дека преминувањето на биткоин ќе помогне во ублажување на нестабилните шилинзи, недостаток на девизни резерви и ќе се зголеми заштитата на Кенија од експлоатациски заеми, што го загрозуваат државниот суверенитет.

– Нашата одлука да преминеме на биткоин е и тактичка и логична. Нашата валута отсекогаш била вреќа за удирање на Меѓународниот монетарен фонд, кој секогаш тврди дека кенискиот шилинг е преценет. Ова изврши преголем притисок врз кенискиот шилинг и тоа негативно влијае на економијата. Ние губиме премногу едноставно затоа што некој во ММФ се разбудил од погрешната страна на креветот. Биткоинот ќе стави крај на ова – рече Нгуги Нороге.

Овој потег ја зајакнува Кенија како лидер во финансиската технологија, а експертите сега предвидуваат дека потегот на Кенија може да го следат и други африкански земји.

Поврзани вести

Царството на биткоин повторно вреди повеќе од трилион долари

Влатко Зорба

Директорот на „Кракен“ предупредува: Владата на САД ги ограничува криптовалутите

Влатко Зорба

Како „исчезнаа“ 190 милијарди долари од пазарот на криптовалути за само 24 часа?

Влатко Зорба