Согласно Уредбата на Владата на РСМ за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници, НЛБ Банка започнува со процесот на издавање на домашните платежни картички за оваа намена.
Доколку сте корисник на финансиска поддршка и сте распределени во НЛБ Банка, Вашата домашна платежна картичка НЛБ Банка ќе Ви ја достави лично на Вашата домашна адреса.
За точна и навремена достава на картичката на Вашата домашна адреса, од Банката Ве повикуваат во најкус можен рок да ја посетите веб страницата на Банката на линкот https://nlb.mk/domasnaplateznakarticka.aspx и да ги внесете Вашите податоци.
Основни информации
Домашна платежна картичка е картичка наменета за исплата на еднократна финансиска помош согласно Уредбата на Владата на РСМ.
Износот на финансиска помош е однапред определен согласно категоријата на граѓани корисници на оваа помош: граѓани со низок доход (9.000 мкд), вработени лица со низок доход (3.000 мкд), млади лица на возраст од 16 до 29 години (3.000 мкд) и здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID- 19 (40% од износот на последната основна нето плата).
Средствата на домашната платежна картичка можете да се користат со ограничена употреба, најдоцна до 15- ти август 2020 година. Истите можат да се користат за безготовински плаќања при купување на домашни производи и услуги кои ќе бидат обележани со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО”, како и при онлајн купување на домашни производи кои ќе бидат јасно издвоени од останатите.
Средствата добиени со финансиската поддршка не можат да се подигнуваат на банкомат, ниту на шалтерите на банките и не можат да се префрлат на друга сметка или на трето лица. Износот на неискористените парични средства од добиената финансиска поддршка, Банката е должна да го врати на буџетската сметка во рок од три дена по рокот на користење на овие средства (односно по 15 август 2020 година).
Трошоци и надоместоци
Домашната платежна картичка е ослободена од плаќање на било какви надоместоци и провизии заклучно со 31.12.2020 година.
Почнувајќи од 1.1.2021 година картичката можете да продолжите да ја користите согласно комерцијалните услови наведени во Договорот за добивање и користење на картичката кој е објавен на веб страницата на Банката.
Достава на картичката
Домашната платежна картичка, НЛБ Банка ќе Ви ја достави на Вашата домашна адреса која треба да ја пополните во електронската форма, односно на адресата која Банката ја има како податок согласно листите на корисници на финансиска поддршка. Картичката ќе Ви биде доставена неколку работни дена по пополнување на електронската форма.
При самата достава на картичката задолжително треба да се идентификувате со важечки документ за лична идентификација (Лична карта или Пасош). За потребите на Банката, документот за лична идентификација ќе биде фотографиран од лицето кое ја врши доставата и е овластено од Банката за истото.
Дополнително, ќе Ви биде приложена изјава за врачување на домашната платежна картичка заедно со согласноста за договорната документација, која треба да ја потпишете при доставата на картичката.
Активирање на картичката
Кога ќе ја добиете домашната платежна картичка издадена од НЛБ Банка, истата ќе биде неактивна заради безбедносни причини.
Активација на картичката може да се направи на најблискиот НЛБ банкомат со избор на полето „Активација на картичка“ или пак на било кој ПОС Tерминал преку контактна трансакција потврдена со претходно добиениот ПИН код. ПИН кодот за картичката ќе Ви биде испратен преку СМС порака на Вашиот мобилен телефонски број.
Важна напомена
Дoкoлку ја изгубите Вашата картичка или Ви ја украдат, јавете се на телефонскиот број 02/15-600.
За сите дополнителни информации во врска со домашната платежна картичка, НЛБ Банка ги замолува клиентите да се обратат на телефонскиот број 02/ 15 600 и на e-mail: info@nlb.mk