СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

За првпат во земјава ќе се креира Стратегија за развој на старт – ап екосистем

Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, учествуваше на отворањето на настанот со кој се одбележа почетокот на Глобалната недела на претприемништво, во организација на Стартап Македонија.

Во своето воведно обраќање Вицепремиерот Битиќи истакна дека развојот на претприемништвото и старт – ап заедницата е приоритет и ја потврди заложбата на Владата за континуитет во спроведување на политики со кои и понатаму ќе се развиваат услови за поддршка на претприемништвото, старт – ап и спин – оф компаниите.

“Верувам дека должност на Владата е да создаде можности и погодна средина за претприемништво и за старт – ап компаниите, а на вас да го извлечете најдоброто од тоа. Во изминатите три години, од 2017 до 2020 година, Фондот за иновации и технолошки развој поддржа околу 550 компании, половина од нив се стартапи, со вкупен инвестициски циклус од 75 милиони евра. Мислам дека ова е неверојатно добар напредок, но ќе работиме да биде уште подобро“, посочи вицепремиерот.

Битиќи укажа дека на една од последните владини седници беше усвоен Предлог буџетот за 2021 година, а за следната година се проектирани околу 17,5 милиони евра, односно за околу два милиона евра повеќе во однос на 2020 година, за реализација на програмите и мерките кои се спроведуваат од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.

“Задоволен сум што ќе бидам првиот што ќе може да ја сподели со вас информацијата за процесот што ќе го започнеме, а тоа е, за прв пат во нашата земја, ќе се изготви Стратегија за развој на старт – ап заедницата, за чие создавање ќе бидеме среќни доколку учествуваат и самите претприемачи, односно основачи на стартапи. Постојано зборуваме дека нашата главна цел е да ја направиме Северна Македонија регионален старт – ап хаб, а тоа ќе го сториме заедно, преку инклузивен процес на градење на стратегијата, градејќи политики што ќе ви овозможат да растете и да се развивате“, потенцираше вицепремиерот.

Битиќи нагласи дека претприемачите треба да знаат дека во Владата имаат искрен и посветен партнер кој ќе ги поддржи во нивните идни активности.

Глобалната недела на претприемништвото се одбележува од 16 до 22 ноември и се случува истовремено во 170 земји ширум светот, а поврзува над 10.000 партнери во активности насочени кон подобрување на условите за развој на претприемништвото. Цел на оваа еднонеделна иницијатива е промоција на претприемништвото, зајакнување на партнерствата и остварување нови бизнис релации.

Поврзани вести

Партнер на Apple потпиша договор за соработка со кинески стартап за електрични автомобили

Влатко Зорба

КРИПТО-СЕМЕЈСТВО: Вложиле се што имаат во биткоин, сега им се исплати (ВИДЕО)

msp-admin

Донација за Проект Среќа од компанијата Жито Лукс

Берта Китинска