Американскиот претприемач Елон Маск во вторникот во Берлин рече дека верува дека повеќето автомобили ќе возат сами за десет години.
– Ќе стане сè поретко некој да вози сопствен автомобил – изјави основачот на автомобилскиот концерн „Тесла“, кој во вторникот беше награден со наградата „Аксел Спрингер“ во Берлин.
Наградата, именувана по основачот на најголемиот германски медиумски концерн што објавува весници како „Билд“ или „Велт“, се доделува по петти пат на луѓе кои покажуваат посебно чувство на инвентивност.
Меѓу претходните добитници се основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, како и сопственикот на платформата Амазон – Џеф Безос.
Маск во Берлин рече дека не е против соработка со етаблирани производители на автомобили како „БМВ“ или „Мерцедес“.
„Ако конкурент дојде во „Тесла“ со предлог за соработка, нема да се спротивставиме“, рече Маск.
„Тесла“ моментално ја гради најголемата фабрика во Европа крај Берлин, која од следната година треба да произведува до половина милион електрични автомобили.
Маск неодамна објави дека треба да се формира фабрика за батерии за електрични автомобили на истото место.
Тој исто така најави дека кога фабриката ќе започне со производство, ќе поминува повеќе време во Германија.