Бидејќи се повеќе светски влади размислуваат да воведат „Ковид-19“ пасоши и електронски сертификати за вакцинација, бројот на загрижени критичари расте. На прво место, активистите за човекови права стравуваат дека механизмот на ваквите патни исправи всушност ќе доведе до дискриминација на оние групи кои биле најизложени или најранливи за време на пандемијата, и можеби немаат средства да плаќаат за тестирање, па дури и лечење во некои земји.
Последниот во низата државници што најави воведување на некаков сертификат за имунизација беше британскиот премиер Борис Џонсон, но дури и тој ја забележа вознемиреноста на одредени претставници на медиумите по ова прашање и рече дека владата на Обединетото Кралство ќе води сметка да не дојде до „ексклузија, дискриминација или злоупотреба на приватни податоци“.
Истражувањето на Royal Society посочува дека воведувањето патни исправи што можат да дозволат непречено патување на имунизирани лица, иако од нивна гледна точка претставува промена во слободата на движење, од гледна точка на оние кои немаат пристап до вакцини или дури и тестови, всушност ја ограничува слободата. И што е најлошо, како негативна прогноза, Royal Society го потенцира можниот понатамошен развој на оваа практика со забрана за невакцинирани лица да доаѓаат на работа, а во својот заклучок инсистира на тоа дека во тој случај мора да им се гарантира задржување на работните места.
Од најголемите европски економии, Франција во моментов е претежно настрана, но во исто време е домаќин на најжешката дискусија на оваа тема. Француската министерка за култура Розелин Бачелот рече дека, како борец за слобода, не може да го поддржи воведувањето специјални пасоши, бидејќи тоа ќе биде „чекор назад“. Повторно, според последните анкети на јавното мислење, шест од десет испитаници Французи со задоволство би прифатиле да го имаат наведениот сертификат, ако тоа им помогне да одат каде сакаат.
Од друга страна, министерот за здравство Оливие Веран во неколку наврати нагласи дека е рано да се размислува за воведување пасоши за вакцини, особено поради тоа што премалку Французи ја примија првата доза на вакцината (околу 2,5 милиони луѓе) но и затоа што сè уште не е можно да се согледаат реалните последици од масовната имунизација, односно дали ваквата администрација на лекови има долгорочен ефект во спречување на понатамошно пренесување на болеста.
Во суштина, неговата позиција ја делат и претставниците на Светската здравствена организација. Нивниот заклучок на последните обраќања е дека сепак треба да се почека уште малку со ваквата одлука.
Фон дер Лејен повикува на задолжително воведување
Засега нема консензус во целата ЕУ, меѓу другото, бидејќи само околу три проценти од населението во евро-блокот ги прими првите или обете дози на вакцината. Меѓу најголемите поборници за воведување пасоши „Ковид-19“ за прекугранично движење се оние земји кои сакаат да ги обноват оштетените економии за време на претстојната туристичка сезона, пред се Грција и Шпанија.
Големото прашање е дали гореспоменатата филантропија и грижа на европските активисти за човекови права ќе го имаат истиот ентузијазам кога ќе се применат на луѓе од други националности. На примерот на сириските емигранти во претходните години, имавме можност да видиме големо несогласување помеѓу желбите и можностите во рамките на ЕУ.
Претставникот на Европската комисија Урсула фон дер Лејен го поддржува воспоставувањето единствен сертификат за вакцинација на ЕУ, па дури сака да го воведе како „здравствена обврска“, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше меѓу првите што објавија пристигнување на странци со вакви документи и потпишување на неколку меѓудржавни договори со земјите, од кои Грција традиционално прима најмногу туристи.
Македонија секако е меѓу нив. Беа водени првични разговори меѓу министрите на двете земји за имплементација на овој план, но потпишувањето на важечкиот билатерален договор сè уште не е извршено.
Но, кога сме кај Европската комисија, таа се состана вчера и донесе одлука дека шест членки на ЕУ – Белгија, Данска, Финска, Германија, Унгарија и Шведска – мораат во наредните денови што побрзо да ги ублажат критериумите за влез на странски државјани бидејќи дојде до зголемување на тензиите поради „послабиот проток на стоки“, а наведените земји ги заострија мерките за влез, игнорирајќи ги општите заеднички упатства на ЕУ, поради стравот од избивање на трет бран на пандемијата.
Сè на сè, веќе некое време постои големо несогласување во врска со воведувањето дозволи за патување, спроведувањето на мерките, како и ефикасноста на вакцинацијата на целиот европски континент.
Развој на „вакцина-туризам“
Веќе во декември, некои индиски тур-оператори започнаа да нудат патувања во Лондон и Њујорк, каде патниците може да примат вакцина против вирусот, а цената на целиот аранжман беше околу 1.500 евра. Агенција од Флорида организираше патувања во Израел за израелски граѓани на возраст под 65 години кои живеат во САД, се разбира за вакцинација, имајќи предвид дека оваа земја во моментов е светски лидер во резултатите од масовната вакцинација.
Словенечкиот портал 24УР пишува дека туризмот со вакцини, исто така, сè повеќе станува дел од „новата реалност“ затоа што испораката на нарачани дози се одложува насекаде во светот, не само во ЕУ, и дека богатите поединци со задоволство ќе одвојат средства за да се вакцинираат што е можно поскоро. Во таа смисла, не би требало да претставува проблем ниту изборот на кинеска вакцина Синофарм или руска Спутник V, бидејќи иако тие сè уште не се акредитирани во ниту една од земјите на ЕУ, се чини дека е само прашање на време, во отсуство на вакцини од АстраЗенека, Фајзе/Бајонтек или Модерна.